Со цел да се поттикне зачувувањето енергенти и да се помогне транзицијата кон „зелена енергија“, ММФ ги советува европските влади да дозволат зголемувањето на цените на горивата целосно да се пренесе на крајните корисници
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ги предупреди европските влади да не интервенираат со широка финансиска поддршка поради енергетската криза во регионот и наместо тоа треба да ги остават потрошувачите да го сносат товарот од повисоките цени за да се поттикне зачувувањето енергенти и да се помогне транзицијата кон „зелена енергија“.
ММФ верува дека земјите треба да ги заштитат најранливите домаќинства со насочена поддршка, но забележува дека постојните политики насочени кон заштита на сите потрошувачи од зголемените цени ќе ги загрозат европските економии, од кои многу се веќе на работ на рецесија и ќе ја обесхрабрат енергетската транзиција. пренесува Си-ен-би-си.
„Владите не можат да го спречат губењето на реалниот национален доход како резултат на влијанието на пазарните нарушувања. Тие треба да дозволат зголемувањето на цените на горивата целосно да се пренесе на крајните корисници со цел да се поттикне заштедата на енергија и да се забрза преминот од фосилни горива“,
пишува на веб-страницата на европската подружница на ММФ.
Досега европските креатори на политики воведоа сеопфатни контроли на цените, субвенции и даночни намалувања за да го ублажат ударот од зголемените цени на енергијата, кои се пораснаа низ целиот континент по руско-украинската војна.
ММФ предупредува дека ваквата сеопфатна поддршка е кусогледа, дека некои влади ги чини околу 1,5 отсто од бруто-домашниот производ оваа година, при што оваа мерка придонесува за дополнително зголемување на побарувачката, а со тоа и за инфлација на цените.
„Спречувањето на растот на малопродажните цени едноставно го одложува неопходното приспособување на енергетскиот шок со намалување на стимулациите за домаќинствата и бизнисите, што би поттикнало заштеда на енергија и зголемување на ефикасноста. Таа политика ја одржува глобалната побарувачка и ги држи цените на енергијата повисоки отколку што инаку би биле“,
се вели во извештајот.
Наместо тоа, ММФ предлага креаторите на политиките одлучно да преминат од широко засновани мерки кон насочени политики за помош, притоа поддржувајќи ги посиромашните домаќинства кои се најранливи на поскапувања и најмалку способни да се справат со нив.
Целосното компензирање на порастот на трошоците за живот на најсиромашните 20 отсто од домаќинствата ќе ја чини владата релативно намалување на БДП од 0,4 отсто во просек за целата 2022 година. Ако тоа го направат за 40 отсто од домаќинствата со најниски приходи, тоа би ја чинело 0,9 отсто од БДП, се додава во анализата на ММФ.
Понатаму се вели дека е соодветно владите да поддржат некои комерцијално одржливи компании за време на краткорочниот скок на цените, на пример, ако Европа се соочи со целосно прекинување на протокот на гас од Русија.
Сепак, се додава дека со цените, кои се очекува да останат покачени неколку години, долгорочната севкупна поддршка за бизнисите била „генерално нездрава“.
Коментарите на ММФ доаѓаат во време кога европските земји бараат начини да ја намалат потрошувачката на енергија и зависноста од нафта и гас од Русија.
Шпанија во вторникот објави нови мерки за заштеда на енергија, вклучително ограничување на температурата на климатизацијата и греењето на јавните простори. Ова уследи по сличниот потег минатата недела на германскиот град Хановер, кој забрани топла вода во јавни згради, базени и спортски сали.
Од друга страна, енергетските гиганти продолжуваат да „жнеат“ големи профити од растот на цените, а „Бритиш петролеум“ во вторникот ја објави својата најголема квартална добивка во последните 14 години.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, во средата изјави дека е неморално нафтените и гасните компании да остваруваат рекордни профити од оваа енергетска криза на грбот на најсиромашните луѓе и општества. Тој, како и ММФ, порача дека средствата на енергетските компании, кои во првиот квартал изнесуваа 100 милијарди долари, треба да се пренасочат за поддршка на ранливите заедници.