На прес-конференција во ВМРО-ДПМНЕ, разрешената техничка министерка прво зборуваше дека во овие моменти малкумина имаат надеж и верба, а потоа ги повика граѓаните да останат силни и да веруваат во нашето сонце
Стигнавме до момент кога никој повеќе не верува, малкумина имаат надеж, а вистината е реткост, оцени разрешената техничка министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи на видеопрес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Од друга страна, таа ги повика граѓаните да останат силни, посочувајќи дека во крвта на овој народ е да верува во нашето сонце и кога е темно.
„Алчноста ги извади оградите ветувајќи живот за сите, но донесоа ѕидови од омраза бранејќи се од народот. Донесоа цинизам и демагогија проткаени низ бесрамно продавање лаги и ни наредија да ги викаме демократија додека трае нивната автократија“,
рече Мизрахи.
Таа оцени дека ја водиме најголемата битка во нашите животи, коментирајќи дека „лажната самопрогласена елита има компас само за себе, а срам ни за себе“. Бессистемноста што ја создадоа, како што наведе, ќе посегне по повеќе животи од невидливиот непријател.
„Во оваа битка мора да стоиме обединети. За да победиме, мора да бидеме живи и здрави. Седете дома! Ако излегувате, нека биде тоа наменски. Користете маски и ракавици. Дезинфицирајте. Штитете се себеси и вашите најмили. И додека си го штитите своето семејство, штитете ги и туѓите. Во овој момент логиката е едноставна. Вашите родители се и мои, вашите браќа и сестри се и мои браќа и сестри, вашите деца се и мои деца. Да го повторуваме ова секојдневно“,
рече Мизрахи посочувајќи дека овој народ отсекогаш знаел како да го најде летото во себе и кога зимата била најстудена.