Мизрахи рече дека во новите 30 дена, колку што бараат да се продолжи рокот за работа на Анкетната комисија, ќе се прошири опфатот на периодот на кој таа се однесува, вклучително и периодот од април 2023 година
За 30 дена да се продолжи рокот за сослушување експерти, поранешни и сегашни носители на јавни функции од страна на Анкетната комисија за случајот со Клиниката за онкологија. Претседателката на Анкетната комисија, Рашела Мизрахи најави дека ваква предлог-одлука денеска има поднесено пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Мизрахи вели дека досега, во процесот на сослушувањето на повеќе од 50 лица, се појавиле нови и важни факти и околности за Анкетната комисија.
„Се појавија нови и важни факти и околности за Анкетната комисија, што можат да придонесат до конечното утврдување на прекршување на уставните и законските одредби, како основ за утврдување на политичка одговорност“,
рече Мизрахи.
Според неа, од сознанијата за случајот „Онкологија“, објавени изминатите денови, може да се заклучи дека станува збор за „основано сомневање за метастазирано диво месо во здравствениот систем и владеење на канцер-мафијата“.
„Овие нови сознанија за случувањата на Онкологија и информациите што беа дадени од досега сослушаните лица, ја наметнува потребата да се испитаат сите нови информации и да се продолжи рокот на работата на Комисијата во делот на повикување на носители на јавни функции, раководни лица во институциите и да се прошири опфатот на периодот на кој таа се однесува, вклучително и периодот од април 2023 година, на што се однесува извештајот на ФЗО. Заради ова, ја поднесуваме оваа одлука со што Анкетната комисија ќе има дополнителни 30 дена за да повика и други засегнати институции и експерти“,
рече Мизрахи.
Таа ги повика парламентарното мнозинство и сите останати партии од опозицијата, како што рече, доколку навистина сакаат вистината да излезе на виделина, да го поддржат овој предлог.
Нова седница на Анкетната комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија е закажана за в понеделник, 13 ноември.