Грчко-турската граница денеска ја посетија највисоките претставници на ЕУ
„Грција нема да биде доведена под принуда од некој што сака да ги искористи несреќните луѓе за свои интереси. Границите на Грција се граници на Европа“, изјави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во Александрополис во врска со притисокот од бранот бегалци и мигранти на грчко-турската граница по одлуката на Турција да ги отвори границите за мигрантите кои од 2015 се на нејзина територија во знак на револт поради завчерашниот напад врз нејзините сили во Идлиб, Сирија, при што загинаа повеќе од 30 турски војници.
Тој таму ги пречека претседателот на Европскиот совет Чарлс Мишел, претседателка на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен, претседателот на Европскиот парламент Дејвид Сасоли и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

Објавувајќи детали од брифингот, грчките медиуми јавија дека граничната полиција соопштила дека најголемиот притисок сега е префрлен во јужниот дел на Еврос, при што група од 1 000 луѓе се обиделе масовно да влезат во Грција, но биле спречени.
Исто така, повикувајќи се на брифингот, медиумите објавија дека турските власти превезуваат луѓе во автобуси до одредени точки за да го зголемат притисокот врз грчките граници, но дека се надгледуваат сите влезни точки и ситуацијата под контрола.
Во меѓувреме, претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, на Твитер објави дека ја надлетале грчко-турската граница.

Во неделата Националниот совет за безбедност на Грција донесе одлука да го подигне нивото на обезбедување на државните граници и од тој момент во следниот еден месец нема да се примаат нови барања за азил.
Грчката влада се повика на членот 78 став 3 од Договорот за функционирање на ЕУ (ТФЕУ), кој се однесува на политиката на гранична контрола, азил и имиграција.
Вчера Грција и официјално ја доби помошта од Европската агенција и крајбрежна стража Фронтекс за брза интервенција на границата на нејзината морска граница во Егејското Море.
Преку соопштение, Фронтекс појаснува дека брза надворешна интервенција претставува обезбедување итна помош на земја членка на ЕУ, која е подложена на екстремен притисок на надворешните граници, особено поврзано со голем број државјани што не се членки на ЕУ, кои се обидуваат илегално да влезат на нивната територија.
Македонските власти денеска соопштија дека засега нема мигранти кои се движат кон Грција ниту, пак, кон нашата земја.
Премиерот Оливер Спасовски изјави дека кризната состојба на јужната и на северната граница трае континуирано и не е променета, дека двата центри за бегалци се оперативни, а се преземаат и дополнителни мерки.