Во таа насока, Мицотакис ја ја повика новата претседателка Силјановска-Давкова да се врати на своите законски должности и, како што посочи, на однесувања кои произлегуваат од нејзината улога
Незаконска и недозволива. Вака грчкиот премиер ја оценува вчерашната изјава на новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова, која на свечената заклетва на инаугурацијата во Собранието наместо уставното име Република Северна Македонија користеше само Македонија.
Мицотакис на својот фејсбук-профил утрово напиша дека провокативниот избор на новата претседателка на Северна Македонија да го прекрши официјалниот текст на заклетвата и, како што посочи, да ја нарече својата земја со друго име е незаконска и недозволива иницијатива.

„Чин кој го прекршува Договорот од Преспа и самиот Устав на нејзината држава. Но, и прави поткопување на иднината на нејзината државата, како што веќе изјавија претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел“,
напиша грчкиот премиер Мицотакис.
Во текстот објавен на Фејсбук, грчкиот премиер потсети и на позициите на Нова демократија кога била во опозиција, односно дека во 2019 година гласала против договорот од Преспа, како што рече, предупредувајќи тогаш на проблемите кои, додава, ќе ги создадат неговите неуспеси.
„Како влада го почитувавме грчкиот потпис на меѓународниот договор, кој е обврзувачки за земјата. Но, за жал, неодамнешниот развој на случувањата ја потврдува нашата цврста претпазливост“,
вели грчкиот премиер.
Според него, Грција ги отфрла манипулациите со кои Силјановска-Давкова, како што додава, го започнува нејзиниот мандат. Во таа насока, Мицотакис ја ја повика новата претседателка Силјановска-Давкова да се врати на нејзините законски должности и како што посочи, на однесувања кои произлегуваат од нејзината улога.
Сепак, порача и дека секој чекор, како што напиша, на Скопје кон Европа, меѓу другото, зависи и од употребата на уставното име.
„Категорично наведуваме дека такви лапсуси нема да прифатиме. И повторуваме дека секој напредок во билатералните односи, како и секој чекор на Скопје кон Европа зависи од искреното почитување на договорот, од правилна употреба на уставното име на соседната држава и секако, од избегнување на провокации“,
напиша Мицотакис на Фејсбук.
Додека претседателот на Собранието, Јован Митрески, вчера ја читаше свечената изјава во која е содржано уставното име Република Северна Македонија, новоизбраната претседателка на државата, Гордана Силјановска-Давкова, при повторувањето, користеше само Македонија.
„Изјавувам дека функцијата претседател на Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно. Ќе го почитувам Уставот и и законите и ќе го штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Македонија“,
рече Силјановска-Давкова во свечената заклетва.
Грчката амбасадорка ја напушти инаугурацијата на Силјановска-Давкова во знак на протест
Амбасадорката на Грција во земјава, Софија Филипиду, веднаш по заклетвата ја напушти собраниската пленарна сала во знак на протест. Од грчката амбасада рекоа дека тоа го сторила „по инструкции од Министерството за надворешни работи на Грција“.
Оттаму подоцна оценија дека некористењето на уставното име од Силјановска-Давкова е грубо кршење на Договорот од Преспа и Уставот на земјава.
Претседателите на Европскиот совет и на Европската комисија, Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен, речиси истовремено упатија честитки до новата претседателка Гордана Силјановска-Давкова по повод нејзиното официјално стапување на функцијата.
Според, Фон дер Лајен, за Северна Македонија да го продолжи својот пат кон ЕУ, потребно е да се почитуваат меѓународните договори како Преспанскиот.