ВМРО-ДПМНЕ ќе ги преземе сите правни и законски мерки за она што денеска се случи во Собранието да го оспори пред надлежните институции, а после 12 април ќе има одговорност – изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на прес-конфренција по распуштањето на парламентот. Според Мицкоски, Законот за јавно обвинителство и Законот за Советот на јавни обвинители се донесени спротивно на процедурите и порача дека не смеат да влезат во правосудниот систем на државата.
„Сето ова е спротивно на процедурите и деловникот во парламентот, има основано сомневање за контрадикторности со Уставот, а и немаше Бадентерово мнозинство. Го повикувам претседателот на државата Стево Пендаровски да не го потпишува Законот за јавно обвинителство, затоа што ваков каков што е ако го потпише ќе биде соучесник.“
– изјави Мицкоски.
Мицкоски најави и дека во следниот период опозицијата ќе објави, како што рече, нови докази за криминали во власта.
„Обелоденивме многу криминали во минатото, обелоденивме и индиции и докази за криминал. Следете нѐ во периодот којшто е пред нас, ќе биде исклучително интересен.“
-изјави Мицкоски.
Речиси истовремено додека траеше говорот на опозицискиот лидер во партиското седиште, стигна соопштение од кабинетот на претседателот на државата дека законите кои ги оспорува ВМРО-ДПМНЕ се потпишани. Од кабинетот на Пендаровски посочија дека тоа е негова законска обврска и дека секој што има преговори може да ги поднесе до Уставниот суд.