Антонио Милошоски следната недела ќе закаже седница на собраниската комисија за надворешни работи на која отворено ќе се разговара за македонските црвени линии
Сетоа ова што Бугарија го бара од земјава е ветено претходно од премиерот Зоран Заев, тврди лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Според него, еден врвен бугарски политичар на еден од состаноците на Европската народна партија тоа му го потврдил на Мицкоски.
„Ми рече дека сето ова е ветено од страна на Заев и дека кога тој бил тогаш во опозиција ги убедувал дека најважно е тој да стане премиер, а за другото нема никаков проблем. Тогаш беа упатени многу критики до нас во ВМРО-ДПМНЕ дека ете не сме сакале да преговараме, но ние сме сè уште на истиот став дека таа тема не заслужува разговори и преговори. Бидејќи македонската нација и држава си имаат свои корени“,
рече Мицкоски одговарајќи на прашања од граѓани во живо на Фејсбук.
На прашањето зошто владата не реагира на провокациите на Бугарија и што ќе се прави ако Бугарија нè блокира во ЕУ, а Захариева потврди со тоа што кажа дека нема Европска Унија без признавање на бугарски корени, Мицкоски одговори дека во моментот најважно е Македонија да ја одржи таа меѓувладина конференција во ЕУ што би значело симболичен почеток на преговорите.
Мицкоски додаде дека следната недела, ВМРО-ДПМНЕ ќе свика одржување на седница во рамките на парламентот, на која што ќе може отворено да се разговара за македонските црвени линии.
„Ние како партија, преку пратеникот Антонио Милошоски кој е претседател на собраниската комисија за надворешни работи, во текот на следната недела ќе свикаме одржување на седница во рамките на парламентот, на која што ќе може отворено да се разговара за македонските црвени линии, ќе бидат поканети политичари од власта, како и министерот за надворешни работи и Зоран Заев, па ќе можат отворено да зборат за сето тоа што го лажеа македонскиот народ изминативе четири години дека имаат загарантирана европска перспектива“,
истакна Мицкоски.