„Оваа недела повторно ќе имаме средби, јас очекувам тие да бидат завршни, а во текот на викендот да се формализира сето тоа и со имиња и со останати специфики. Инаку, да, постои опција и за промена на ресори, и за тоа е разговарано“, изјави премиерот одговарајќи на новинарски прашања
Премиерот Христијан Мицкоски не ја исклучува можноста за промена на ресори во претстојната владина реконструкција, за која во моментов се водат разговори помеѓу коалициските партнери во власта.

„Да, постои опција и за промена на ресори, и за тоа е разговарано“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по учеството на годишниот состанок на Управниот одбор на Центарот за извонредност во финансиите.
Тој вели дека првата фаза од разговорите со коалициските партнери поминала во конструктивен амбиент.
„Во првите разговори можам да кажам дека преовладува конструктивен амбиент. Во текот на оваа недела повторно ќе имаме средби, јас очекувам тие да бидат завршни, а во текот на викендот да се формализира сето тоа и со имиња и со останати специфики“,
додаде премиерот.
Од Владата вчера соопштија дека првата фаза од консултациите меѓу коалициските партнери за претстојната реконструкција на Владата поминала во конструктивна атмосфера, а оти конечните решенија и позиции се очекува да бидат утврдени во првата половина од неделава. Според најавите, од денеска следуваат финалните консултации на кои детално ќе се разгледаат и потврдат конечните кадровски решенија.
