Преспанскиот договор не е завршена работа и нема да биде додека постои ВМРО-ДПМНЕ, изјави партискиот лидер Христијан Мицкоски вечерва во гостување на ТВ Алфа. Тој ја обвини власта дека пред референдумот давала лажни ветувања, од кои ништо не е остварено.
„Сè додека сум јас ВМРО, Договорот од Преспа не може да биде завршена работа и сè додека постои ВМРО не може да биде завршена работа. Затоа што таа скапо платена кампања пред референдумот кога практично имаше обид да се направи еден инженеринг, ни ветуваа квалитетно образование, квалитетни вакции, европско здравство, ние за жал денеска имаме најлоши бројки во делот на починати, повторно нè излажаа. Не може да е завршен Преспанскиот договор, а ние да сме најкорумпирана држава во Европа. Не може да е завршен бидејќи не сме земја – членка на Унијата. Не може вие да имате двојни стандарди, ако е некој пропреспа тогаш да му дадете дозвола за убивање, да прави што сака, да краде, да пљачка, да нема реформи, да лаже. Не може. Тоа не го прифаќам…Можеби е реалност, не велам да ја игнорираме таа реалност, но дека е завршен – далеку од тоа“,
кажа Мицкоски.
Тој се осврна и на Резолуцијата за исцртување на црвените линии во преговорите со Бугарија која ВМРО-ДПМНЕ денеска ја поднесе во Собранието.
„Очекувам сите парламентарни политички партии да ја поддржат резолуцијата без разлика дали се ДУИ, Алијанса, Алтернатива, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Левица или коалициските партнери. Оваа резолуција ги содржи македонските црвени линии и затоа е потребно да застанеме зад интересите на Македонија“,
рече Мицкоски.
Во однос на негодувањата зошто не биле застапени други етнички заедници, Мицкоски посочи дека резолуцијата е таква, затоа што никој не го спори идентитетот на албанскиот народ, на турскиот, српскиот, туку само на македонскиот.
„Од страна на Бугарија се задира во македонскиот идентитет, на македонскиот народ, посебност, култура, традиција, јазик“,
кажа Мицкоски.