Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 ТВ, упати бројни критики за начинот на кој власта се справува со пандемијата од коронавирус, а како пример го спомена случајот со Куманово.
„Од кога апелираше градоначалникот на Куманово дека треба мерки, дека треба карантин. Па тоа не се случи. Тоа е нивен човек е и не го слушаат. Еве сега денеска излезе владата конечно и кажа дополнителни мерки“,
рече Мицкоски.
Тој ја критикуваше и работата на министерот за здравство Венко Филипче, откако водителот го спомена податокот дека министерот во моментов ужива доверба од околу 80 проценти од граѓаните.
Така, посочи дека не се согласува со ставот дека граѓаните мислат дека министерот за здравство добро менаџира со кризата.
„Да претпоставиме дека добро менаџирал со кризата, но пред кризата народот за менаџирањето со здравството му дал двојка. Па сега вие заклучете дали тој треба да менаџира со здравството по кризата“,
рече Мицкоски.
„Значи не би го задржале за министер доколку Вие формирате влада?“, праша водителот.
„Тамн работа“, одговори Мицкоски.
Тој зборуваше и за респираторите и за обвинувањата дека се местат тендери.
„Јас дали верувам или не верувам времето ќе покаже, но се плашам да не бидам во право и тогаш ќе биде проблемот ако бидам во право. Верувајте многу ретко во животот газам на трула штица и во овој случај не би сакал да бидам во право, но за жал можеби ќе бидам во право“,
рече лидерот на опозицијата.
Тој рече дека најавиле и кривична пријава за Филипче, но процениле дека во овој момент не треба да се поднесуваат кривични.
Мицкоски во своето интервју порача дека ВМРО-ДПМНЕ како опозиција во овој случај сака најмногу да помогне, а тоа го покажа и со пратката која што денеска стаса како резултат на опозицијата. За министерот од неговите редови, Наќе Чулев, пак, оцени дека одлично ја врши работата и се наоѓа во првите борбени редови.