Премиерот ова го кажа во одговор на пратеничко прашање од Сања Лукаревска зошто во Буџетот за следната година не се предвидени пари за набавката на автобусите кои тој ги најавува за Скопје и другите градови
Пари за новите стотина автобуси во Буџетот за следната година нема, зашто ратите за нивната набавка ќе почнат да се исплаќаат од февруари-март 2028 година, изјави денеска од собраниската говорница премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашање на пратеничката од СДСМ, Сања Лукаревска, зашто во буџетските средства за идната година не се предвидени пари за набавката на автобуси која тој ја најави.

„Нема да ги видите парите во овој буџет за новите автобуси затоа што ќе бидат купени, а обврските ќе почнат да доспеваат февруари-март 2028 година. Во тој буџет во 2028 година ќе ги видите, затоа што условот за да влеземе во овој процес е да има најмалку три години грејс период. Можеме да си дозволиме отприлика 100 до 120 автобуси кои нема да завршат само во Скопје, туку и во другите градови каде има организиран јавен превоз. Најголемиот дел ќе се во Скопје, ние сме влада на цела држава“,
изјави премиерот Мицкоски.
Ако биде сè како што треба, според премиерот, до крај на годинава тендерот за автобусите треба да биде објавен.
Премиерот Христијан Мицкоски минатата недела рече дека Владата е во фаза на анализа на проект за набавка на 100 до 120 електрични автобуси за Скопје и останатите градови во земјава во кои има јавен градски превоз.
