Прашан дали се предвидени средби со претседателката на ЕК и дали нејзиното доаѓање во земјава ВМРО-ДПМНЕ го чувствува како притисок во врска со гласањето на уставните измени, Мицкоски рече дека секој добронамерник кој е заинтересиран за состанок со него е добредојден, но вели оти засега не е договорен состанок со Лајен
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека засега не е договорена заедничка средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која се очекува да пристигне во земјава на крајот на месецов. Посетата на шефицата на ЕК, според информации во дел од медиумите, ќе се одржи в недела, на 29 октомври, но засега нема официјална потврда на ваквите наводи.

Прашан дали се предвидени средби со претседателката на ЕК и дали нејзиното доаѓање во земјава ВМРО-ДПМНЕ го чувствува како притисок во врска со гласањето на уставните измени, Мицкоски рече дека секој добронамерник кој е заинтересиран за состанок со него е добредојден, но вели оти засега не е договорен состанок со Лајен.
„Секој којшто сака да разговара, јас ќе разговарам, но имаме ние многу теми коишто за нас се многу поважни од темата уставни измени. Ние нашите аргументи сме ги кажале. Во овие 16 месеци многупати доаѓале големи светски дипломати и многупати по телефон сме разговарале, но не сме слушнале од другата страна аргумент којшто нас може да ни даде една комотна и комфорна ситуација, и да речеме – ‘е да, сега нè убедивте’“,
рече Мицкоски запрашан дали ќе има состанок со Фон Дер Лајен.
Многупати за време на овие состаноци и телефонски разговори со дипломатите, додаде Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ со своите аргументи ги разубедувало бидејќи, како што вели, соговорниците од странство добивале лажни информации од Владата и од министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„Јас ги разбирам, под притисок се, очајни се, гледаат како доаѓа крајот на нивната политичка кариера, свесни се за тоа што го правеа овие шест години, свесни се дека со нас и со мене лично нема договор и трговија за политичка амнестија, свесни се дека ќе одговараат многу скоро“,
додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски уште еднаш повтори оти ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати уставни измени под овие, како што рече, понижувачки и антимакедонски услови кои не нудат развој и напредок.
Премиерот Димитар Ковачевски минатата недела најави дека шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе биде во посета на земјава. Рече дека посетата е во рамките на редовната комуникација меѓу ЕК и нашата држава велејќи оти „никој не доаѓа некому да врши тортура, како што кажуваат од опозицијата“.