„Некако овие ‘фејсбукчии’ навикнаа да даваат и приложуваат закони за амнестија со кои имаат за цел да ги амнестираат криминалците… Можеби не требаше ни толку време да посветам да му одговорам на министерот за правда бидејќи несериозно е да се обраќа на Фејсбук за вакви работи. Но, еве ќе кажам дека кога ќе го разгледаме детално неговиот предлог, сега не знам дали е ова негов предлог затоа што на претходниот Закон (Кривичниот законик н.з.) којшто го променија во Парламентот, тој не се потпиша. Така што, да видиме што содржи овој негов предлог, па дури потоа можеби ќе разговараме на таа тема“, изјави Мицкоски одговарајќи на прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ веќе има став во врска со овој закон и дали меѓу амандманите на пратеничката група ќе биде и оној за обвинетите за настаните од 27 април
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека партијата сè уште не го разгледала предлог-законот за амнестија на министерот за правда Кренар Лога и најави дека откако детално ќе видат што тој содржи, „можеби ќе разговараат на таа тема“, вклучитечно и за прашањето дали пратениците на оваа пратија ќе поднесат амандмани со законот да бидат опфатени и обвинетите за настаните од 27 април.

Говорејќи на оваа тема, односно одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на Свети Николе, Мицкоски го нарече министерот за правда „фејсбукчија“ алудирајќи на денешната објава на Лога на социјалната мрежа, преку која ги повика пратениците што побрзо да се изјаснат за предложениот закон. Министерот во објавата информира дека за предлог-законот преку писмен допис бил запознаен и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, Лога преку Фејсбук реагираше и на вчерашната изјава на Мицкоски во врска со предлог-законот за амнестија. Во реакцијата тој објави две фотографии – првата, како се менуваше фасадата на МЕПСО со стиропор и гипс во рамките на проектот „Скопје 2014“, а втората од состојбата на затворот „Идризово“. Во описот на фотографиите напиша: „#ВМРО: ‘Ние сме лудаци. Ние трошиме на чоколада а немаме леб дома’“
„Не сме го разгледале доставениот закон за амнестија, но некако овие ‘фесјбукчии’ навикнаа да даваат и приложуваат закони за амнестија со кои имаат за цел да ги амнестираат криминалците. Обиди за убиства и други кривични дела, а многу малку водат сметка за оние кои се наоѓаат во занданите на ДУИ и СДСМ, поради тоа што имале патриотски чувства и поради тоа што си ја сакаат Македонија и врз кои се врши политички терор од страна на овие ‘фејсбукчии’ и од страна на Владата на СДСМ и ДУИ. Можеби не требаше ни толку време да посветам да му одговорам на министерот за правда бидејќи несериозно е да се обраќа на Фејсбук за вакви работи. Но, еве ќе кажам дека кога ќе го разгледаме детално неговиот предлог, сега не знам дали е ова негов предлог затоа што претходниот Закон (Кривичниот законик н.з.) којшто го променија во парламентот, тој не се потпиша на тој Закон. Така што, да видиме што содржи овој негов предлог, па дури потоа можеби ќе разговараме на таа тема“,
изјави Мицкоски одговарајќи на прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ веќе има став во врска со овој закон и дали меѓу амандманите на пратеничката група ќе биде и оној за обвинетите за настаните од 27 април.
Инаку, Мицкоски вчера за време на посетата на Општина Ѓорче Петров рече дека ВМРО-ДПМНЕ преку демократски алатки ќе го блокира предложениот закон за амнестија.
Министерството за правда го подготви предлог-законот за амнестија, кој, доколку се усвои, ќе овозможи ослободување и намалување на затворските казни за лесни кривични дела.
Со законот се предлага целосно ослободување на лицата на кои им е изречена казна затвор до шест месеци, а за осудениците кои со правосилна пресуда се осудени на казна затвор поголема од шест месеци, се предлага ослободување од издржувањето на 30 отсто од целокупната казна.
Целта на предлог-законот, кој се очекува да биде усвоен на наредната владина седница, како што велат од Министерството за правда, е растоварување на затворите во земјава, со оглед на алармантната состојба во која се наоѓаат и која е потенцирана во многубројни меѓународни извештаи, меѓу другото, и од Советот на Европа.
Законот за амнестија, како што информираат од Правда, не се однесува на лицата кои се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право.
Амнестијата нема да важи ниту за кривичните дела разбојништво, разбојничка кражба, измама на штета на средствата на Европската Унија, перење пари и други приноси од казниво дело, злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, примање поткуп, давање поткуп, давање награда за противзаконито влијание и за примање награда за противзаконито влијание, сите од Кривичниот законик.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Свети Николе беше прашан и за коментар за измените на Кривичниот законик, кои од денеска стапуваат во сила, на што тој одговори, дека со нив актуелната власт се подготвува за опозиција.
„Па се подготвуваат за опозиција. Мислат дека на тој начин ќе бидат амнестирани за сиот криминал што го правеле изминативе години, но мојата порака до нив и до сите кои се надеваат дека на овој начин се спасиле од било која власт, повторувам, од било која власт, се лажат. Едно е политичкиот прогон и политичките случаи, друго е евидентниот криминал којшто се случува изминативе шест години. Така што, неколку пати повторивме и со златно знаме да го изгласаат, идната влада на ВМРО-ДПМНЕ има намера многу сериозно да ги истражи сите сомневања за сторен криминал изминативе шест години и да ги изведе пред лицето на правдата политичките криминалци кои на маката на народот се богатеа изминатите шест години. Така што, нема да се сокријат“,
рече Мицкоски.