Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ предлага пописот, наместо во април, да биде одложен за септември, а локалните избори, наместо до 17 октомври, да се одржат во првата половина на ноември
Пописот да биде одложен за септември, а локалните избори за ноември, предлага лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во писмо до амбасадорите во земјава.
Во писмото што го напишал од Инфективната клиника, каде што е хоспитализиран поради последици од ковид-19, Мицкоски коментира и дека земјава е на дното во Европа по број на вакцинирани.
„Борбата против тешката епидемиолошка ситуација, во недостаток на вакцини, комбинирано со теренски попис, ќе го стави во сериозен ризик за јавното здравје. Јас не се сомневам во потребата од кредибилен попис, но во овој момент не е време за него. Ние мора да сме фокусирани пред сѐ на борбата против здравствените предизвици што се пред нас. Откако ќе се надмине здравствената криза, ние можеме повторно да се насочиме на пописот“,
се наведува во писмото.
Како дел од решението Мицкоски предлага пописот, наместо во април, да биде одложен за септември, а локалните избори, наместо до 17 октомври, да се одржат во првата половина на ноември.
„Тоа ќе остави време за набавка на вакцини и вакцинација на сите попишувачи, со што ќе се минимизира штетата по јавното здравје. За институциите да можат да се посветат целосно на пописот, предлагам локалните избори да се одржат од 1 до 15 ноември“,
пишува Мицкоски.
Одложување на изборите вчера предложи и претседателот на ДИК, Александар Даштевски, но од друга причина, односно поради тоа што сѐ уште не е набавена опремата за скенирање отпечатоци од прст.
Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, пак, изјави денеска дека за одложување на пописот може да се размислува само ако тоа го препорача Комисијата за заразни болести.