Ако го анализираме она што денеска беше кажано од страна на техничкиот премиер, Оливер Спасовски, можеме да дојдеме до заклучок дека тој го проектираше септември како месец кога треба да се одржат изборите, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за Канал 5 ТВ, коментирајќи ја денешната прес-конференција на техничкиот премиер Оливер Спасовски на која го презентираше третиот пакет економски мерки.
„Имајќи го предвид фактот дека на 30 мај завршува вонредната состојба, од 31 мај па во следните 60 дена ако имаат намера, како што велат, да ги одржуваат изборите, во месец јуни стапува на сила членот 8-а од Изборниот законик кога вонредни плаќања кои не се предвидени со планот не можат да се случуваат, односно во тој случај практично стопираат сите вонредни плаќања или тој што ќе стави потпис на таква одлука автоматски прави кривично дело кое Изборниот законик го третира како поткуп. Оттука го вадам заклучокот дека или денеска Спасовски го постави месец септември како можен месец за избори, или пак се лицемерни пред граѓаните – ветуваат нешто што не можат да исполнат“,
рече Мицкоски.
Во врска со лидерската средба, Мицкоски кажа дека очекува разум, трезвеност и свесност за реалната ситуација, при што потенцираше дека за една недела од минатата лидерска средба има 170 нови заболени и десетина мртви.
Наспроти ваквото толкување на Мицкоски, СДСМ денеска повторно побара изборите да се организираат во најбрз можен рок за да се искористи првата шанса. Нивниот став е дека избори треба да има 22 дена по завршувањето на вонредната состојба.