Во третиот пакет економски мерки на владата, вреден 355 милиони евра, кој го презентираше премиерот Оливер Спасовски, дел се насочени и кон директна помош кон бизнис заедницата, старт-ап и малите и микро компаниите, како и кон земјоделците.
Останатиот дел, пак, се однесуваат на ваучери за граѓаните за купување македонски производи, домашен туризам, за студентите и за младите.
Бескаматни кредити за поддршка на жените, младите и дигитализацијата
Бескаматни кредити за фирми преку Развојната банка во вредност од 31 милион евра, најави Спасовски, кои ќе бидат за поддршка за жените, младите и дигитализацијата во бизнисот.
„Оваа бескаматна кредитна линија во вредност од 31 милион евра ќе биде достапна за сите микро и мали компании, а истата ќе понуди и 30 проценти грант (неповратни средства) за оние компании кои се водени или основани од жени или вработуваат млади лица, се извозно ориентирани или воведуваат иновација и дигитализација во нивното работење“,
рече Спасовски.
Државна гаранција за комерцијални кредити
Понатаму, тој презентираше и мерка за државна гаранција за комерцијални кредити за поддршка на Старт ап и мали и микро компании.
Државата става на располагање финансиски средства од 125 милиони евра, рече премиерот, на извозно ориентираните компании, за поддршка и преземање на дел од ризикот за комерцијалниот кредит.
Гаранција за царински долг
За поголем извоз и полесен пристап до суровини за домашните компании предвидена е гаранција за обезбедување на царинскиот долг.
Со гаранцијата за обезбедување на царинскиот долг, според Спасовски, се поддржува извозот и го олеснува пристапот на суровини за преработка на македонските компании. Висината на оваа мерка е од околу 25 милиони евра, преку Развојната банка.
25 милиони евра за приватниот сектор
Согласно Законот за финансиска поддршка, презентираше Спасовски, со 25 милиони евра преку програмата за зајакнување на конкурентноста на индустријата ќе им се помогне на компаниите за освојување на нови пазари, зголемување на нивната конкурентност, како и модернизација на процесите.
Дигитална платформа за нови пазари за текстилните компании
„Со финансиска поддршка од 1 милион евра ќе им помогнеме на овие индустрии да креираат платформа на која ќе може да ги пласираат своите производи на нови пазари“,
рече Спасовски.
Македонското туристичко село ќе стане „старт-ап“ село
Од Владата најавија и 1,6 милиони евра за поддршка на иновативни продукти и услуги преку Фондот за иновации и технолошки развој (ФИРТ).
Македонското туристичко село во скопско Нерези, пак, ќе стане македонско старт-ап село.
Ќе се покриваат трошоците за организирање конференции
Понатаму, Спасовски најави дека ќе се дава и 50 проценти финансиска поддршка за организирање настани и конференции. Оваа мерка изнесува 245 илјади евра.
„Со финансиска помош од 245 илјади евра ќе им помогнеме на компаниите преку субвенционирање на 50 проценти од трошоците за организација на настани, обуки и конференции, до максимален износ од 30 000 денари“,
рече премиерот.
Мерки за земјоделците
Во третиот пакет економски мерки на Владата, неколку се однесуваат и на земјоделскиот сектор.
Со 5 милиони евра преку Развојната банка, ќе се поддржат микро, малите и средни претпријатија кои вршат примарно производство, како и преработувачите и оние кои извезуваат примарни и преработени земјоделски производи.
Околу 50 000 земјоделци ќе добијат субвенции од 50 проценти за зелената нафта. Оваа мерка е во вредност од 4,6 милиони евра.
Преработувачите на грозје, пак, ќе се стимулираат за производство на продукти за средства за дезинфекција.
„Преку оваа мерка ги стимулираме преработувачите на грозје и винариите да произведуваат алкохолен дестилат кој ќе се користи од страна на домашните хемиски компании за производство на средства за дезинфекција. Во следните три години, нашата финансиска поддршка ќе изнесува 3,5 милиони евра“,
рече Спасовски.
Во лозарството, но и во тутнксиот сектор ќе се овозможи јавно приватно партнерство. На краток рок, очекувањата на Владата се дека инвестициите за модернизирање треба да достигнат 10 милиони евра.
Окрупнување на земјоделско земјиште за поголема конкурентност на македонското земјоделство, е уште една од мерките кои ги најави Спасовски.
„Оваа мерка овозможува ставање во функција на целокупното земјоделско земјиште како и охрабрување на домашното земјоделско производство, но и нови инвестиции во овој сектор. Од оваа мерка очекуваме приходи од 250 милиони евра во следните три години и зголемена конкурентност на македонското земјоделство“,
рече премиерот.
Преку долгорочен закуп на пасишта, пак, како уште една мерките, сточарите ќе имаат на располагање околу 500 000 хектари пасишта.
Во сетот мерки за земјоделците има и три милиони евра за финансирање на старт-ап семејни винарии и фарми односно грантови до 10 000 евра за опремување и за маркетинг на производите.
За модернизација на земјоделството ќе се обезбедат и 50 милиони евра кредит од Светска банка.