Ревитализација, опоравување на економија и стимулирање на потрошувачката, треба да донесе третиот пакет економски мерки, како што најави премиерот Оливер Спасовски при денешната промоција на сетот мерки.
Третиот пакет изнесува 355 милиони евра и како што беше презентирано ќе опфати 730 000 корисници.
Дел од пакетот се состои од платежни картички за социјално ранливите граѓани, за студентите, за младите, како и викенд без ДДВ.
Картички за купување македонски производи
Првиот столб, како што презентираше Спасовски, се платежни картички во вредност од 9 000 денари, кои ќе можат да ги добијат околу 100 000 граѓани. Нив ќе можат да ги добијат сите невработени лица, баратели на работа кои немаат месечни примања над 15 000 денари, како и примателите на гарантирана минимална помош. Овие картички ќе може да се користат само за домашни компании, производи и услуги и во определен период од 30 дена. Вкупната вредност на оваа мерка е 16 милиони евра.
„Со ова се зајакнува домашната потрошувачка со фокус на домашните производи и услуги, се зголемуваат безготовински плаќања и со тоа се намалува сивата економија, но прес сè, се зголемува куповната моќ на граѓаните“,
рече Спасовски.
Ваучери за туризам
Околу 100 000 граѓани, рече Спасовски, ќе може да добијат и ваучери за домашен туризам во вредност од 6 000 денари и платежна картичка од 3 000 денари. Ваучерот ќе може да се користи во домашни хотели и други сместувачки капацитети, а платежната картичка за домашни производи и услуги. И оваа мерка е во вредност од 16 милиони евра.
„Со ова се опфатени сите вработени кои примаат нето плата помала од 15 000 денари и немаат други приходи во 2018 година според годишната даночна пријава во УЈП“,
рече Спасовски.
Картички и ваучери за млади
Во сетот мерки за младите кои ги презентираше Спасовски, се неколку видови на картички и ваучери. Вредноста е 9 милиони евра.
Едниот е ваучер од најмногу 6 000 денари за покривање на партиципацијата на факултетите или за сместување во студентските и ученичките домови, како и во други сместувачки капацитети за студентите од семејствата со ниски приходи. Мерката, рече Спасовски, опфаќа и платежна картичка од 3 000 денари за домашните производи.
Уште една мерка за младите е ваучер од 30 000 денари за кофинансирање на обуки, тренинзи и курсеви за ИТ и дигитални вештини. Мерката треба да опфати од 7 – 10 000 млади до 29 години и е во вредност од 3 милиони евра.
„Со покривање на трошоците ги поддржуваме младите да стекнат знаење и вештини кои ќе им овозможат брзо вработување во новата развојна економија. Оваа мерка ќе опфати 100 000 сограѓани и е во вредност од 12 милиони евра“,
рече Спасовски.
Викенд без ДДВ
Спасовски најави и викенд без данок на додадена вредност (ДДВ).
„На овој начин поттикнуваме потрошувачка и раст на приходите во одредени сектори како продавници за гардероба, бела техника, мебел, санитарија школски прибор и книги. Очекуваме дополнителен приход од 20 милиони евра кои ќе се слеат во македонското стопанство“,
изјави премиерот.
Паричен надоместок за тие што останеле без работа
Паричен надоместок, најави Владата, и за сите кои останале без работа во периодот од 11 март до 30 април 2020 година. Надоместокот ќе може да го добијат сите кои останале без работа по основ давање на писмена изјава за престаок на работниот однос, сподбено раскипување на работниот однос и добивање отказ.