Премиерот вели дека Владата располага со сите потребни механизми за поддршка на граѓаните

Штетите предизвикани од вчерашното силно невреме ќе бидат утврдени и, согласно законските процедури и досегашната практика, ќе бидат надоместени од страна на надлежните институции, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на реконструираното Одделение за трауматологија во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје, Мицкоски истакна дека Владата располага со сите потребни механизми за поддршка на граѓаните.
„Оваа влада никогаш не ги оставала граѓаните сами да се снаоѓаат. Им благодарам на институциите и на градоначалниците што во текот на ноќта, веднаш по невремето што го зафати Скопје, беа на терен и ги санираа штетите бидејќи станува збор за епско невреме. Подготвеноста и мотивацијата беа на високо ниво, а екипите се на терен и денеска“,
рече премиерот.
Тој повтори дека сите регистрирани штети ќе бидат проценети и рефундирани преку надлежните институции.
Инаку, во невремето што ја зафати вчера земјата имаше откорнати кровови на згради, паднати дрвја, оштетени автомобили, штета на енергетската инфраструктура,
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека преку единствениот број за итни повици 112 по 17 часот биле регистрирани над 9 000 повици од граѓани, од кои најголемиот дел се однесуваат на последиците од силниот ветер и врнежи.
Од невремето има и повредени граѓани. Во Ургентниот центар при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ помош побарале 11 пациенти од кои тројца се со тешки повреди. Во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски” во Скопје помош побарале 22 лица. Од нив, како што рече директорот Небојша Настов, еден пациент е веќе опериран во текот на ноќните часови, со скршеница во предел на шаката, а имало и уште еден пациент, кој е странски државјанин, турист, и е повреден при пад на дрво, во пределот на карлицата.
