Ова е прва предизборна соработка на ВМРО-ДПМНЕ со партии од т.н. албански политички блок
Договор за соработка на претстојните локални избори постигнаа денеска лидерите на трите опозициски партии: ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, Алијанса за Албанците – Зијадин Села и Алтернатива – Африм Гаши.
На состанокот во пратеничката канцеларија на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, каде што присуствувал и Мицкоски, е договорено, како што се наведува во заедничкото соопштение, соработката да се реализира така што „споменатите партии нема да кандидираат градоначалници во одредени општини и ќе се поддржуваат меѓусебно, а во други општини ќе се натпреваруваат со сите други партии”.
„Потребно е да се соработува, со цел општините да бидат институции во служба на граѓаните, со силен и рамномерен локален економски развој, со буџетска поддршка за децентрализација во областите образование, култура и спорт, како и со тежнеење да бидат зелени општини кои ќе обезбедат чист воздух и заштита на животната средина. Со цел што подобро да се артикулира опозицискиот глас, како и да се претстават најдобро интересите на сите граѓани на локално ниво, тројцата претседатели, истакнувајќи ги овие начела, се одлучија за заемна соработка и поддршка на кандидати за градоначалници. За начинот и деталите на соработката ќе се договараат општинските организации на трите партии“,
се наведува во заедничкото соопштение.
На средбата, исто така, било оценето дека, водејќи се од извештајот на „Транспаренси Интернешенл“,
„според кој Македонија е рангирана на историско најлошото 111. место, станува неминовна
опозициската соработка, со цел единиците на локалната самоуправа да бидат ослободени од
корупциското владеење, од нетранспарентното трошење пари и од злоупотреба на власта на
СДСМ и ДУИ на сите нивоа на државната управа“.
Можната соработка на трите партии кои се во опозициските редови во парламентот беше најавена од порано, како противтежа на коалициите на локално ниво што ги најавија владејачките СДСМ, ДУИ и Беса.
За ВМРО-ДПМНЕ ова е прва предизборна коалиција со партиии од албанскиот политички блок, за разлика од СДСМ, ДУИ и Беса, кои имаат искуство од етнички мешани коалиции неколку циклуси наназад. Првпат, во таква предизборна коалиција настапија ДУИ и СДСМ на претходните локални избори во 2017 година, додека на ланските предвремени парламентарни избори, социјалдемократите одеа во коалиција со Беса.