Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за „360 степени“ вели дека како партија се подготвени да седнат и да разговараат со секоја друга политичка партија за евентуална коалиција. Тој вели дека подготвени се за дијалог со секоја опозициска партија која смета дека премиерот Зоран Заев и актуелната влада не работат добро.
На прашањето дали би коалицирал со Левица, партија која има различни ставови од ВМРО-ДПМНЕ за одредени прашања, Мицкоски вели дека потребно е да се договори големата цел, а подоцна да се пеглаат разликите.
„Секој којшто цени и мисли дека Зоран Заев и оваа Влада лошо работат, јас сум подготвен да седнам со секого и да разговараме. Не само со Левица, туку и со Солза Грчева и со сите останати кои припаѓаат на опозициското крило и сакаат оваа Влада да замине, јас сум отворен и подготвен да разговараме“,
вели Мицкоски.
За евентуална коалиција или соработка со Алијанса на Албанците и Алтернатива за локалните избори, Мицкоски вели дека тие имаат разлики по одредени прашања, но крупната слика е важна за првична соработка. Ваква соработка се најавуваше, но откако ВМРО-ДПМНЕ јавно ги поддржа протестите за осудените во случајот „27 април“, овие изјави во јавноста спласнаа. Сепак, Мицкоски вели дека потенцијалната соработка со Алијансата на Албанците и Алтернатива сè уште е отворена можност.
„Ако оваа Влада води погрешни политики и не ја води напред Македонија, ние треба да се обединиме околу тој столб. Понатаму, откако тоа ќе го завршиме како примарна задача, ние може да седнеме и да разговараме за многу детали кои и мене ми пречат или нив им пречат. Но, тоа е второстепено. Прашањето за Македонците е нормално, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е партија на македонското национално единство и го штити интересот на македонскиот народ, но и на македонската нација во којашто се и Ромите, Србите, Турците, Власите, па и Албанците, бидејќи сите тие ја формираат македонската нација и се обединиле за да создадат една држава, политички субјект. Но, има средини каде Македонците се чувствуваат како граѓани од втор ред во својата држава, а такво чувство се повеќе се изразува … Ако не е проблем и не е проблем да имаме претседател на Собрание кој доаѓа од вториот по бројност етникум во Македонија, и ако не е проблем да водиме кампања ’Псе јо‘ за премиер Албанец, тогаш не гледам зошто треба да биде проблем да имаме Македонец претседавач на пример во Советот на општина Тетово“,
коментира Мицкоски.