По бегството на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска на прес-конференција уште еднаш побара оставка од Владата.
Тој најави дека во Собранието ќе бараат и гласање доверба на Владата и ги повика сите пратеници и од опозицијата и од власта, како што рече, да ја соборат оваа власт и да се формира техничка влада која ќе организира предвремени парламентарни избори заедно со локалните.
„Планираме да поднесеме иницијатива за гласање доверба на Владата, но важно е кој следен чекор. Ова не е игра на сто метри, ова е игра која веќе станува хорор. Затоа ги повикав сите членови во парламентот, изгласајте ѝ недоверба на оваа влада, ова е моментот да застанете рамо до рамо до граѓаните, оваа влада нема никаква поддршка кај граѓаните. Време е мафијата да биде поразена. Потребна е оставка на Владата уште сега, формирање експертска влада и заедно со локалните да организира парламентарни избори. Само така ќе дојде правдата и оваа мафија е биде изведена пред лицето на правдата. Ги повикувам сите пратеници, без разлика дали се власт или опозиција, да не бидат соучесници со мафијата, да излезат да се охрабрат и да кажат доста е, време е за нова влада, време е за техничка влада, не го правиме ова за власт за моќ, туку за нашите деца. Не е важно кој ќе ја предводи Владата, само оваа мафија да ја нема и потоа да одговора. Техничката влада треба да подготви терен за фер избори. Да ѝ изгласаме недоверба на оваа влада и да избереме влада којашто ќе обезбеди тоа што овие мафијаши не можат“,
рече Мицкоски.
Мицкоски побара одговори за бегството на Мијалков и посочи дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски требало да си поднесе оставка уште вчера, а следна да биде оставката од премиерот Зоран Заев.
„Целиот народ очекува детално објаснување, ОЈО, судот се должни да дадат јасни одговори. Нема компромиси со правдата и одговорноста,одговорност мора да има. Ништо добро не сте способни да направите, се упропастивте. Сите ни се смеат, не можете да обезбедите вакцини, не можете да направите попис, не втурнавте во рецесија, не можете да обезбедите мнозинство во Собранието, Македонија е во политичка криза“,
рече Мицкоски.