Нема да бидеме конструктивна опозиција, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во гостување на Алфа, најавувајќи дека ќе ги повикаат граѓаните да си го заштитат здравјето и да не отвораат врата ако се чувствуваат небезбедни
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во вечерашното гостување на ТВ Алфа, нагласи дека здравјето нема цена и дека закани со казни, доколку некој одбие да се попише, се глупости.
„Ние ќе повикаме граѓаните да си го заштита здравјето. Ако граѓаните се чувствуваат небезбедни, еве јас се чувствувам небезбеден, да не отвораат врата. За тоа нема кривични пријави, тоа се се глупости. Тоа ништо не важи, нека не се плашат, ниту некој може да ги казни, ниту пак некој ќе ги казни. Чувајте си го луѓе здравјето, затоа што животот нема реприза. Тоа што ние имаме неразумни луѓе, ќе дојде таа одговорност порано или подоцна“,
рече Мицкоски.
Според него, силата што ја спроведува власта раѓа само сила, додавајќи дека тогаш опозицијата ќе врати со поголема сила и ќе победи.
„Симовски вели ‘и да не ни отвораат врата ние ќе ги вкрстиме базите, може ќе бидат нецелосни податоците, но ќе ги попишеме сите’. Тоа е насилие. И како сакаат после тоа конструктивна опозиција? Нема да биде опозицијата конструктивна. Еве им кажувам нема да биде опозицијата конструктивна и влегуваме во политичка криза. Нека продолжат на сила да го туркаат процесот, влегуваме во политичка криза, ајде да видиме кој ќе победи. Нека тераат на силата, сила раѓа, ајде да видиме до крај ќе одиме па да видиме чија сила ќе победи, дали на Симовски и Заев, или на опозицијата“,
рече Мицкоски.
Тој рече дека ако пописот почне на 1 април тогаш нема да биде имунолошки подготвен, така што и тој нема да им отвори врата на попишувачите, ниту, како што рече, неговите родители, кои, исто така поминале низ тежок период.
„И јас вратата нема да ја отворам. И не само јас, туку и стотици наши граѓани. Тогаш ние нема да добиеме правилни податоци од овој попис. Тогаш зошто трошиме пари. Зошто правиме попис ако податоците што ќе ги добиеме не се податоци што нам ни се потребни за понатаму да го планираме развојот на Македонија .Ако не сте мудар и немате елементарно чувство за здравјето на луѓето и за човечките животи, тогаш не заслужувате воопшто човек да ви придава значење. Им кажавме ние, но тие не разбираат и во понеделник ќе имаме една тема помалку за разговор. Јас и илјадници, стотици граѓани нема да отвориме врата, па нека си тераат Венко, Заев и Симовски попис, да видат како ќе заврши тој попис “,
посочи Мицкоски.
Според него, пописот во дијаспората не е ни за спомнување. Затоа што тоа, како што вели, не е ни попис.
„Тоа е евидентирање на дијаспората. Затоа не мораше да го прават вака со циркус, туку можеше од бројот на издадени државјанства да го одземат бројот на резидентното население. Но, ете решиле да си прават некаков маркетинг. Гледаме таму во една држава – членка на ЕУ како си земале пасоши и си ги внесуваат во компјутер. Тоа е една обична евиденција и ништо повеќе“,
оценува опозицискиот лидер.