Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, требало да си поднесе оставка по нејзиното вчерашно гостување во емисијата „360 степени“ бидејќи, според него, не е ниту правно издржано ниту етички во телевизиско гостување да каже дека отфрла кривични пријави.
Станува збор за случајот кој го иницираше пратеникот Антонијо Милошоски, кој во февруари годинава однесе „бомби“ кај Русковска. За тие материјали, пратеникот тврдеше го инкриминираат премиерот Зоран Заев во случајот „Рекет“, односно дека тој подолго време знаел за активностите на Бојан Јовановски, алијас Боки-13, преку кои ја финансирал телевизијата.
„Една друга таква јавна обвинителка, само ја нарекуваа специјална, исто така отфрлаше кривични пријави за Зоран Заев, знаете како заврши. Претпоставувам дека сите кои денеска одлучуваат да бидат слуги на Заев ќе завршат на начинот на кој заврши и таа претходната. Ова не само што е неправен чекор, туку и неетички да се соопштува на отворена сцена одлука. Требаше уште истиот момент кога заврши емисијата да си поднесе оставка и да одговорна за сето тоа што го правела изминатиот период како обвинител во Обвинителството за организиран криминал и корупција. Разочарани сме од овој однос и со вакви луѓе не можеме да имаме судство ослободено од политичко влијание ниту пак да имаме реформи во судството и обвинителството кои треба да не одведат таму каде што целиме“,
изјави денеска Мицкоски.
Обвинителката Русковска во гостувањето во „360 степени“, на прашањето до каде е конкретниот предмет, изјави дека тој наскоро ќе биде отфрлен. Причината, објасни, е што спроведеното вештачење покажало дека материјалот кој го доставил Милошоски всушност се состои од повеќе разговори, кои се прекинати, па се додавани делови од други разговори.
Мицкоски, пак, за ваквите нејзини наводи обвини дека нема исти аршини алудирајќи на „бомбите“, за кои тврди дека се сечени и лепени, а сепак, вели има луѓе кои издржуваат и затворски казни.
„Јас како што се сеќавам такви сечени, лепени материјали беа други, исто така, материјали по кои се постапува сега. Дел од тие луѓе се осудени, дел се наоѓаат и на отслужување на затворска казна. Така што, имаме на вагата две работи кои, за жал, се немерливи. Едната, кога се однесува за Зоран Заев сè што е сечено, лепено, не важи, а за други случаи каде имаме докажани сечени, лепени материјали, важи. Е тоа така не може и затоа денеска ни се празни државата и луѓето не веруваат ништо повеќе. Имаме масовна партизација, партократија, во која се злоупотребува сето она што треба да биде гарант за правда, а тоа е обвинителството и судството“,
вели Мицкоски.
За кривичните пријави со краток коментар на социјалните мрежи се огласи и пратеникот Антонијо Милошоски. И тој ја напаѓа обвинителката велејќи дека нејзин миленик е премиерот Зоран Заев.
„Очигледно е дека Заев е миленик на обвинителката Русковска, штом таа ја отфрла секоја сериозна индиција за вмешаноста на премиерот во ’Рекет‘. Не мора повеќе, доволно би било само да го вештачи мобилниот телефон на Заев и неговите контакти со осудените извршители во случајот Рекет и така лесно ќе стигне до нарачателите“,
вели Милошоски.