А, што се однесува до оние повици од СДС да сме се качеле се на возот кон ЕУ, цело ВМРО-ДПМНЕ веќе е на возот кон ЕУ, а возот во кој се Ковачевски и ДУИ веќе е влезен во темниот тунел кој еднонасочно удира во карпа. Овој пат нема да го излажете народот. И лошо ќе завршите зашто ќе ви се случи народ, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за време на трибината од Струмица
По евентуалното спроведување на уставните измени, ќе остане уште да се исцрта граница и да се заврши со постоењето на Македонија. Ова е дел од обраќањето на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од трибината на партијата која под слоганот „Ова е Македонија за сите“ вечерва се одржа во Струмица.

„Не се само уставните измени за исполнување на бугарскиот диктат на кој работи власта, туку работат и на изработка на уставни измени со кои ќе ја редифинираат Македонија и ќе задрат во нејзиниот карактер. Притоа, една од идеите за која предупредувам е дека работат на создавање на бинационална држава на два народи, неколку заедници кои денес се споменуваат во Уставот и постоење на малцинства“,
обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Додаде дека за таквиот план за кој тој предупредувал, немало никаков демант од Владата.
„Но, упатен сум дека ова се идеите кои се разработувале во Владата и од страна на партиските експерти кои ги пишуваат уставните измени. Редефинирањето на Преамбулата на Уставот би бил еден вид национално предавство на оваа Влада која би ја фрлила државата на колена“,
вели Мицкоски.

Опозицискиот лидер го обвини премиерот Димитар Ковачевски оти „си игра играчки“ со уставните измени, со кои, како што смета Мицкоски, ќе ја редефинира земјава во бинационална држава. Според него, Ковачевски ниту имал ниту ќе има мнозинство во Собранието кое би ги усвоило уставните измени, а тоа, како што рече, го вели согласно фактот што и самиот кажал оти не би поднел оставка доколку измените не поминат во парламентот.
„А, што се однесува до оние повици од СДС да сме се качеле се на возот кон ЕУ, цело ВМРО-ДПМНЕ веќе е на возот кон ЕУ, а возот во кој се Ковачевски и ДУИ веќе е влезен во темниот тунел кој еднонасочно удира во карпа. Овој пат нема да го излажете народот. И лошо ќе завршите зашто ќе ви се случи народ“,
изјави претседателот на опозицијата.
Мицкоски нагласи дека не постои никаква, па дури ни теоретска шанса ВМРО-ДПМНЕ да прифати уставни измени под вакви услови и додаде дека не би му паднало да памет да прифати каква било уцена или притисок со кој се соочува неговата партија, а кој, како што рече, го има повеќе од една година.
„Ќе одиме до крај, до конечна победа и нема попуштање. Антимакедонскиот фронт ќе биде поразен“,
додаде Мицкоски.
Во своето обраќање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ голем дел посвети на коалицијата СДСМ-ДУИ, за која, како што рече, Ковачевски и дел од СДСМ се подизведувачи во криминалите на ДУИ. Затоа, тој порача дека овие две партии на следните избори треба да се испратат во опозиција.
Тој најави победа на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните и претседателските избори и ги повика граѓаните масовно да гласаат за коалицијата која ја предводи оваа партија.