Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара од претседателот на државата Стево Пендаровски да прогласи вонредна состојба поради состојбата со коронавирусот.
„Поради итноста и алармантноста на состојбите на терен, но и неопходноста да им се помогне на граѓаните, апелирам денес до претседателот Пендаровски да прогласи според Уставот вонредна состојба во Македонија час поскоро. Да не се губи драгоцено време, а поважно од тоа дали е вонредна или кризна состојба е тоа мерките и помошта да стигне до граѓаните“,
рече Мицкоски.
Тој побара да не се навлегува во правните дилеми, туку да се навлезе во решавање на проблемите на граѓаните.
„Во овој момент постои и дилема кај правните експерти за што е поделотворно да се примени. Она што денес сакам да го соопштам е фактот дека иако јас и понатаму сметам дека многу брзо ќе дојдеме во фаза да прогласиме кризна состојба на поедини делови од територијата на Македонија, сепак, сметам дека Владата доцни со мерките, а кризата ќе се зголемува“,
рече Мицкоски.
Тој додаде дека Владата треба да обезбеди и бесплатни маски за граѓаните, а да ги казнува компаниите кои пробуваат енормно да спечалат преку продажба на медицински препарати и средства.