Коментирајќи ја изјавата на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, кој рече дека тие даваат бланко поддршка само Албанец да не биде претседател на Собранието, Мицкоски кажа дека Апасиев пред изборите имал бланко понуда од ВМРО-ДПМНЕ да се приклучи и да застане на страната на македонското национално единство, но тој „одлучи повеќе да се посвети на правењето планови каде ова лето ќе ужива, дали на Хургада или на некоја друга грчка плажа“
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред почетокот на денешната седница за конституирање на новиот состав на Собранието изјави дека ја очекува поддршката на сите оние што застанале зад кандидатурата на Африм Гаши од Алтернатива да биде новиот претседател на законодавниот дом.
„Па очекувам од сите оние што се потпишани зад поддршката Африм Гаши да биде претседател на парламентот“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за тоа од кого очекува поддршка за конституирање на новиот парламентарен состав.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, кој како носител на листата за пратеници во изборната единица 1 на коалицијата „Твоја Македонија“ обезбеди пратеничко место, остро одговори на изјавата на лидерот на Левица Димитар Апасиев, кој во изјава за медиумите пред него рече дека тие даваат бланко поддршка само Албанец да не биде претседател на Собранието.
Прашан за коментар во врска со изјавата на Апасиев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и извесен иден мандатар за состав на идната влада одговори:
„Уф, треба ли да го коментираме Димитар Апасиев. Димитар Апасиев пред изборите имаше бланко понуда од ВМРО-ДПМНЕ да се приклучи и да застане на страната на македонското национално единство. Тој одлучи повеќе да се посвети на правењето планови каде ова лето ќе ужива, дали на Хургада или на некоја друга грчка плажа. И како што еден од неговите поранешни сопартијци вели дека тие биле група на џанаци, така продолжува и да се однесува“,
Инаку, Апасиев прашаш околу поддршката од Левица ако Африм Гаши биде избран за претседател на Собранието, рече дека шесте пратеници на Левица би дале бланко поддршка на ВМРО-ДПМНЕ само да не биде „повторно косовизиран македонскиот парламент“.
„Ние би дале поддршка од нашите шест (пратеници) да не биде Албанец претседател на Собранието. Еве, отворено го повикуваме Мицкоски, бланко поддршка на невидено само да не биде косовизиран повторно македонскиот парламент“,
рече Апасиев.
Прашан зошто му пречи Албанец да биде претседател на законодавниот дом, лидерот на Левица рече дека тоа затоа што е противуставно да се зборува на друг јазик освен на македонскиот кога се претседава со седници.
На дополнително прашање, што ако Гаши зборува на македонскиот јазик, Апасиев со одговор:
„Супер, нека зборува на македонски и тогаш може да правиме муабет. Сега вака нема да зборува и повторно ќе воведеме противуставна двојазичност. И така, си ги гласавте патриотите и тоа ќе ви биде реалноста“
Во Собранието претпладнево почна конститутивната седница на новиот собраниски состав, со кој, како претходно беше најавено, претседава највозрасната пратеничка Мерита Колчи Коџаџику.
На дневен ред се четири точки – избор на Верификациска комисија, верификација на мандатите на новите пратеници, избор на Комисија за прашања на изборите и именувањата, како и избор на претседател на Собранието.
Според новиот Деловник за работа на законодавниот дом, конститутивната седница може да трае најмногу три дена, а завршува со изборот на претседател на Собранието.
Како што е најавено, за претседател на Собранието ќе биде предложен Африм Гаши од партијата Алтернатива, која е дел од коалицијата „Вреди“.
Според распоредот на силите, во новиот состав на законодавниот дом најмногу пратеници, односно 58 ќе има коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, „Коалицијата за европска Македонија“ на СДСМ ќе брои 18 пратеници, коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ ќе има исто 18 пратеници, коалицијата „Вреди“ ќе има 14, а Левица и „Движењето ЗНАМ – За наша Македонија“ ќе имаат по шест пратеника.
Поради кандидатурата за претседател на Собранието Африм Гаши, како што беше соопштено вчера се повлече од лидерската функција во Алтернатива, која е дел од коалицијата „Вреди“. Во меѓувреме и Билал Касами, претседател на Движењето Беса кое е исто така дел од оваа коалиција и актуелен градоначалник на Тетово, се откажа од пратеничкиот мандат и побара тој да не му биде верификуван на денешната седница.
Мандатот од четири години на новиот собраниски состав почнува да тече од конститутивната седница на Собранието. Оттогаш почнуваат да течат и 10 дена во кои претседателката на државата мора да го додели мандатот за состав на Владата на кандидатот на партијата или партии кои имаат мнозинство во Собранието, а во случајот тоа е ВМРО-ДПМНЕ.
Како што објавивме вчера, распоредот на ресорите во новата влада, за чие формирање коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ води преговори со коалицијата на опозициските партии на Албанците, „Вреди“, а деновиве беше вклучена и партијата ЗНАМ на Максим Димитриевски, е пред финален договор, велат последните информации за кои брифираат извори од ВМРО-ДПМНЕ.