„Нема тука сценарија, српски, вакви или такви. Овде има едно сценарио: или ќе ја добиеме оваа битка или сите ќе излеземе поразени и ќе ја нема државата“, рече премиерот во вчерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител
Прашан што мислел кога во неделата на прес-конференција кажа дека повторно ќе ја побара довербата од граѓаните откако ќе заврши постапката и ќе се идентификуваат одговорните за трагедијата во Кочани, односно дали тоа значи дека најавува и предвремени парламентарни избори заедно со локалните, Мицкоски повтори дека ако не успее во битката со корупцијата, самиот ќе ја урне оваа влада и во тој случај нормален процес во една демократска држава е да се оди на избори
Премиерот Христијан Мицкоски не стравува дека собирите на граѓаните за оддавање почит на жртвите во трагедијата во Кочани би можеле да се претворат во протести налик на оние во Србија по уривањето на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад.
Од вчерашното гостување на премиерот во „Тема на денот“ во Дневникот на ТВ Сител / Фото: Принтскрин
Мицкоски ова го кажа во вчерашното гостување во „Тема на денот“ во Дневникот на ТВ Сител, велејќи дека ако не успее да ја добие борбата против корупцијата, самиот ќе се повлече и за тоа не се потребни протести.
„Нема тука сценарија, српски, вакви или такви. Овде има едно сценарио: или ќе ја добиеме оваа битка или сите ќе излеземе поразени и ќе ја нема државата“,
рече премиерот одговарајќи на прашањето дали ќе работи во насока на придобивање на граѓаните во битката со корупцијата или стравува дека може да ни се случи сценарио како во Србија.
За тоа како гледа на собирите на граѓаните и протестот во Кочани во понеделникот кој на момент ескалираше, Мицкоски рече дека ги поддржува собирите сè додека тие се мирни, но оти не може да оправда анархија и стихија.
„Ние мора да останеме луѓе во овие моменти. Луѓето се гневни на сето она што се случувало децении наназад. Таму нема ниту ВМРО, можеби има, не можеби, сигурно има, СДСМ, тоа е небитно, дали се партиски определени, непартиски определени, таму има луѓе коишто го изразуваат својот револт и сè додека тоа е на мирен начин, демократски, тоа е легитимно и јас го поддржувам и јас го оправдувам сето тоа и ќе го поддржувам сè додека трае оваа борба против овој тип на криминал, а тоа е административната криминална мафија. И тука никој не треба да има дилема. Не можам да оправдам анархија и стихија, тоа не можам. Да, јас разбирам револт, разбирам гнев, разбирам критика, нема проблем, затоа реков удрете на мене, еве јас сум тој, удрете на мене, еве сè што било порано заборавете го, удрете на мене, само немојте правдата да ја земете во свои раце и преку неправда да градите правда, тоа не може така да биде и не смее така да биде. Затоа е многу важно во овие моменти да бидеме луѓе, затоа јас реков се борам да останам човек. Ако не успеам во оваа борба, не ми требаат протести, сам ќе ја урнам владата, ќе заминам. Или ќе направиме нешто или ќе нѐ нема сите заедно“,
изјави премиерот.
Одговарајќи на прашање за претходните трагедии што ѝ се случија на земјава, а за кои јавноста сè уште чека одговори и одговорност и стравува дека истото може да се случи и со Кочани, Мицкоски кажа дека одблиску ќе ги следи случаите „Ласкарци“, „Беса транс“ и за модуларната болница во Тетово, и најави дека за сите нив ќе има разврска.
„Нема да ни се случи (истото со Кочани) затоа што сите овие случаи коишто вие сега ги кажавте одблиску ќе ги следам, знам во која фаза се и очекувам Обвинителството многу јасно да ја прошири истрагата и да идентификува не само возачот на автобусот или управителот на правното лице, туку да видиме кој технички центар кажал дека тој е исправен, кој ја дал дозволата тој испитен центар да функционира така како што функционира. Зошто во модуларната болница е променето министерството од едно во друго кога е правена јавната набавка, зошто кабелот е виновен, кој го направил проектот и дали можеби недостасуваат некои елементи таму, коишто мислам дека недостасуваат. За сето ова ќе има одговор, ќе има разврска, нема ништо да оставиме. Или ќе опстане Македонија или мафијашите, нема место за двете работи повеќе. Рубиконот се помина, јас сум таков човек. Кога ќе влезам во битка, или јас или противникот, не може двајцата“,
рече премиерот.
Прашан што мислел кога во неделата на прес-конференција кажа дека повторно ќе ја побара довербата од граѓаните откако ќе заврши постапката и ќе се идентификуваат одговорните за трагедијата во Кочани, односно дали тоа значи дека најавува и предвремени парламентарни избори заедно со локалните, Мицкоски повтори дека ако не успее во битката со корупцијата, самиот ќе ја урне оваа влада и во тој случај нормален процес во една демократска држава е да се оди на избори.
„Јас не би се задржувал на тоа што велат некои, сега сум фокусиран на ова што сега го работам. Оваа Влада доби легитимитет од огромен број граѓани, има речиси двотретинско мнозинство во парламентот итн. Ќе повторам тоа што го кажав во вашата емисија. Ако не успееме во оваа битка, јас сум тој што сам ќе ја урнам оваа влада и нормален процес во една демократска држава е да се оди на избори, бидејќи не сум успеал, ме поразиле. Затоа реков, или ние или тие“,