„Не мислам дека тогашната опозиција имаше проблем со опструкции во медиумите или испраќање пораки во медиумите. Мислам дека и медиумите и тогашната опозиција беа во еден процес на празни пораки од страна на тогашната опзиција. Додека сега ние како ВМРО-ДПМНЕ и јас како претседател се обидуваме да имаме суштински пораки, континуирано да сме присутни во медиумите и одговараме на секоја покана, што не беше случај кога СДСМ беше опозиција“ – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за „360 степени“ на МРТ 1
За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, генералната атмосфера во државава не е подемократска од онаа во 2016 година, кога се одржаа парламентарни избори по кои дојде до промена на власта. Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, Мицкоски не се согласува со тоа дека медиумите се послободни, дека има повеќе критички гласови во јавноста и дека опозицијата денес има многу повеќе место во медиумскиот простор отколку СДСМ додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт.

Мицкоски: Не мислам дека е така, не го делам тоа чувство дека сега имаме унапредување на демократијата.
360°: Зборуваме за базично ниво на демократска амтосфера. Институциите се слаби, имаме проблем со корупција и владеење на правото, но базичната демократска атмосфера, ако сте објективен, ќе се согласите дека е подобрена.
Мицкоски: Јас се трудам да бидам објективен и ќе ви кажам зошто немам такво чувство, бидејќи и за танго и за кавга треба двајца. Не мислам дека тогашната опозиција имаше проблем со опструкции во медиумите или испраќање пораки во медиумите. Мислам дека и медиумите и тогашната опозиција беа во еден процес на празни пораки од страна на тогашната опзиција. Додека сега ние како ВМРО-ДПМНЕ и јас како претседател се обидуваме да имаме суштински пораки, континуирано да сме присутни во медиумите и одговараме на секоја покана, што не беше случај кога СДСМ беше опозиција“,
потенцира Мицкоски.
На забелешката на новинарот дека „опозицијата во тоа време не само не можеше да припари на главните медиуми, туку беше и сатанизирани од нив“, Мицкоски одговори: „Дозволете да имаме различни ставови. Може и да не се сложиме за некои работи“.
Понатаму, новинарот вели дека за унапредената слобода на медиумите во последните години има и меѓународни извештаи, како на пример, на „Репортери без граници“, на што Мицкоски враќа:
„За извештаите, и тогаш беше хибриден режим и сега е хибриден режим. Да видиме колку медиуми се затворија во овие седум години и колку во претходните седум години од претходната влада“.