Во врска со пожарот на Галичица, премиерот апелира до граѓаните што сакаат доброволно да се вклучат во гаснењето на огнот да не го прават тоа бидејќи станува збор за опасен терен каде што има многу експлозивни средства од минатите војни кои можат да детонираат и да убијат некого
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изрази сомневање дека ситуацијата со пожарите кои беснеат во земјава е случајна додавајќи дека како Влада прават сè за да се справат со огнената стихија.
Осврнувајќи се претходно во одговор на новинарско прашање за мерките што досега како Влада ги имаат преземено, премиерот рече дека со оваа затекната ситуација со пожарите прават невозможни работи и оцени дека работата е под контрола.
„Морам да кажам се сомневам дека е случајна, да имаме по 40 пожари секој ден коишто ни се случуваат не може никој да ме убеди дека се случајни. Рекордни 651 во јули за 21 ден или рекордни 66 на 29 јули. Не може никој да ме убеди дека сето ова е случајно. Но, тоа е што е, и ние мораме да се занимаваме со потребата да го решаваме ова, не можеме да очајуваме и да кукаме сега и да велиме тешка е работата. Правиме сè што можеме и како влада и благодарност до сите оние луѓе на терен што прават сè што можат да се справат со огнената стихија“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на Царинската управа.
Говорејќи во таа насока, премиерот апелираше до граѓаните да не влегуваат во процес во кој некој може да настрадаат бидејќи, како што кажа, тоа е неповратен процес во кој нема цена што може да го врати изгубениот живот на еден човек.
Тој посебно апелираше до граѓаните што сакаат доброволно да се вклучат во справувањето со огнената стихија на планината Галичица, која предизвика вознемиреност кај жителите и туристите во Охрид од кои некои, според информациите, почнале да се пакуваат во страв дека огнените јазици можат да се спуштат до кампот во Љубаништа.
„Таму има оставено многу воена опрема, но и експлозивен материјал кој датира дури од времето на Првата светска војна. Може да се случи да бидат детонирани и некој човек да го изгуби својот живот и тоа е неповратен процес. Нискостеблестата шума, грмушките и тревата ќе пораснат но човекот нема да го вратиме. Затоа ги молам да ги оставиме луѓето коишто се вешти, обучени за оваа работа да се справат. Знам дека изгледа стравотно, знам, секоја вечер до наутро сме во координација со луѓето и не само таму, туку и насекаде и благодарност за сето тоа што го прават, но ве молам нема цена со која загубениот човечки живот ќе можеме да го вратиме“,
изјави Мицкоски.
Одговарајќи на прашањето кога Владата ќе донесе одлука и законски измени со кои ќе се забрани сечата на уништените дрва во пожарите оваа година, премиерот рече дека ќе направат сè што треба откако ќе се справиме со огнената стихија.
Очекувањата, како што додаде тој, се состојбата со пожарите да потрае до крајот на август, а можеби и септември.
Дополнително осврнувајќи се на прашањето за користењето на уништените дрвја за комерцијални цели, Мицкоски уверува дека овој пат тоа нема да се случи.
„Верувајте дека тоа овој пат нема да се случи, значи еве го имате мојот збор. Вие со право правите реминисценција со пожарите од 2021 година, посебно во делот на Малешевијата и Пијанец, кои завршија во некои од стовариштата и со право имате грижа и ја оправдувам, но во овој случај тоа нема да се случи“,
изјави премиерот.