Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, согласно последните информации од екипите што се на терен, на својот фејсбук-профил информира дека пожарот на планината Галичица од македонска страна е под контрола и вели оти нема опасност по населените места и населението што гравитира на овој потег
Планината Галичица и понатаму гори. Читатели на „360 степени“ кои летуваат во Љубаништа велат дека пожарот им изгледа поблиску од вчера поради што некои од нив веќе почнале и да се пакуваат во страв дека пламените јазици ќе се спуштат до кампот. Освен хеликоптер, тие сведочат дека гледале и авиони за гаснење пожар.
Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, согласно последните информации од екипите што се на терен, на својот фејсбук-профил информира дека пожарот на планината Галичица од македонска страна е под контрола и вели оти нема опасност по населените места и населението што гравитира на овој потег.
„Во моментот во гаснењето на пожарот од земја се вклучени околу 120 лица, а се дејствува со два хеликоптери од страната на Охрид и од страната на Преспа. Очекувано е во текот на денот да се вклучат и уште три авиони за гаснење од воздух. Поспецифична е состојбата со пожарот од преспанска страна каде што има зафатено погуста и високостеблеста вегетација и гаснењето се одвива отежнато. Гаснењето од земја е отежнато и поради тоа што на овој терен постои неотстрането старо оружје и експлозивни направи, кои по налет на огнот експлодираат. Само во текот на вчерашниот ден се слушнале повеќе од 40 експлозии“,
посочува Пецаков.
Тој изрази верување дека во текот на денешниот ден пожарот ќе биде локализиран и дека ќе се спречи неговото ширење понатаму.
„Им благодарам на сите вклучени на терен, кои со несебичен напор ден и ноќ се борат со огнената стихија. Упатувам апел до медиумите, новинарите, населението и туристите да не шират непотребна паника, да споделуваат проверени информации и да се информираат само од релевантни извори“,
порача градоначалникот на Охрид.
Од РЦУК Охрид, информирајќи за денешните активности за гаснење на пожарот, посочуваат дека ќе има поддршка од воздухоплови, а се планира над шумскиот пат над Љубаништа да се прави пречекување на огнот за да не слегува надолу. Оттаму додаваат дека стратегијата што се применува кај ова жариште е иста како и кај другите девет активни пожари низ Македонија – да се заштитат објектите, имотот на граѓаните, па потоа сè друго.
„Надлежните служби се на терен и утрово. Конкретно за тоа како ќе се дејствува денес, се очекуваат информации подоцна. Ќе има поддршка и од воздухоплови. Планирано е над шумскиот пат над Љубаништа да се прави пречекување на оган за да не слегува надолу. Пожарот беше активен далеку од кампот Љубаништа, а дека на цела Галичица имаше сериозни површини и линии зафатено тоа е точно. Но, најмногу според некоја стратегија се штитат објекти, имот на граѓани, па потоа сè друго. Во оваа смисла, ЦУК постапува и овде и во цела Македонија. Во Југозападна Македонија во моментов имаме девет активни пожари, од кои во охридската зона е само на Галичица“,
вели раководителот на ЦУК Охрид, Митко Темелковски, пренесе Охрид њуз.
Во врска со повиците за вклучување на доброволци, од РЦУК повторуваат дека тоа треба да се одвива преку ТППЕ Охрид и Штабот за заштита и спасување, согласно потребите на надлежните институции.