Мицкоски вели дека премиерот има неискрена желба за лидерска средба бидејќи треба да седнат и да дискутираат за нешто што е веќе напишано. Тој е уверен дека промените на Уставот нема да поминат во Собранието, по што смета дека цела Влада треба да си поднесе оставка. За изборите, пак, најави блок од сите партии и групации што ќе се обединат околу најважните интереси
Ковачевски, кој веќе ја испратил поканата за лидерска, пак, рече дека на лидерската ќе се зборува за две теми – уставните измени и односите со соседите. Ако не успеат уставните измени, тој вели дека она што следува веќе сме го посведочиле од 2006 до 2016 година, а тоа е изолација во која државата не напредувала ниту еден милиметар во евроатлантските интеграции. Избори, дециден е премиерот, ќе има во редовниот термин во 2024 година
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека не е коректно што уставните измени патуваат кон Собранието, а премиерот бара лидерска средба. Тоа, според него, е неискрена желба за состанок и за вистински договор.
На партиска трибина вечерва во Кавадарци, тој го повтори ставот дека промени на Уставот под, како што вели, бугарски диктат и под овие околности ќе нема.

„Овие работи кои сега ги говорам, истите ќе ги кажам и на лидерската средба која од власта најавуваат дека ќе се случи. Не е коректно што уставните измени патуваат кон Собранието, стокмени и напишани по бугарски терк, а премиерот бара лидерска средба. Тоа значи дека не е искрена ниту неговата желба да се состанеме и да направиме вистински договор за иднината на оваа наша Македонија. Треба да дискутираме за нешто што веќе е напишано. Тие уставни измени лошо ќе завршат затоа што нема да добијат поддршка, но никој од власта не говори за времето што потоа“,
рече Мицкоски.
Тој е уверен дека уставните измени нема да поминат во парламентот, а тоа, според него, ќе биде и дефинитивниот крај на оваа влада. По неуспехот, вели тој, потребна ќе биде оставка од Владата.
„Потребна е оставка на Владата, народот да излезе масовно на избори и да одбере иднина. Време е на сцена да застане еден блок кој ќе се обедини околу иднината на сите луѓе затоа што Македонија е за сите луѓе. Потребно е да се позанимаваме со реалните проблеми на луѓето каде седи изворот на она што ја тишти и силно потиснува оваа нација. Најавувам блок кој ќе се соедини околу најважните интереси на Македонија, каде ќе се обединиме многу субјекти од сите партии и групации кои се вистински заинтересирани Македонија да е на сите и да одиме напред“,
рече Мицкоски.
Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, пак, претходно во интервју за Канал 5 ТВ, рече дека од неговиот кабинет веќе ја испратиле поканата за лидерска средба со Мицкоски и најави дека ќе се разговара за две теми – една се уставните измени, а друга односите со соседите и пристапот кој треба да го имаме како држава во однос на градење добрососедство.
На прашање дали ќе има брзи избори ако не успеат уставните измени, Ковачевски повтори дека изборите ќе се случат во редовен термин во 2024 година – во март претседателски, а во јуни парламентарни.
Доколку не успеат уставни измени, потенцираше тој, ќе следи изолација.

„Доколку не успеат уставните измени за коишто тие (ВМРО-ДПМНЕ) се залагаат, ние ја гледавме таа ситуација од 2006 до 2016 година, тоа е изолација. Тука не треба да сте некој којшто ќе треба да измисли нешто за да знаете постигнавте. Што после тоа, ние го видовме од 2006 до 2016 година кога државата ниту еден милиметар не напредуваше во своите евроатлантски интеграции, кога државата беше изолирана, кога државата беше оквалификувана како заробена држава, кога според слободата на медиумите бевме 130. во светот, а сега сме 38. во светот, кога владеењето на правото беше тотално нарушено. Кога, ако ги погледнете рангирањата и на Економист и на Фридом хаус и на сите други релевантни меѓународни институции, бевме да дното“,
рече Ковачевски.