Тој појасни дека кога денеска би излегле со нашиот кредитен рејтинг и ако споредиме држави со многу подобар кредитен рејтинг дека земаат еврообврзница со каматна стапка од 5 отсто, тогаш ние не можеме да очекуваме еврообврзница пониска од 6 отсто, а сега добиваме заем од 3,25 отсто
Денеска на владина седница поминале нови 500 милиони евра од кредитот од Унгарија кои ќе бидат наменети за раздолжување на еврообврзницата земена од минатата влада, информира премиерот Христијан Мицкоски во Отворено студио на МРТВ на тема „Буџет 2025“.
„Денеска после долги и напорни преговори на владина седница помина и вториот дел од унгарскиот кредит, вторите 500 милиони евра. Ние пред избори зборувавме за 1 милијарда. Кога ги обезбедивме првите 500 милиони, бевме обвинувани дека биле само 500, каде се другите, а ние викавме бидете трпеливи, не сакаме уште од сега да ја истрошиме и оваа втора половина бидејќи ќе треба да плаќаме камата. Ќе ја затвориме оваа зделка кога ќе биде потребна, а тоа е сега затоа што на 25 јануари истекува рочноста на еврообврзницата која е земена во 2018 година од претходната влада и потребни се 500 милиони евра да се врати таа еврообврзница“,
истакна премиерот Мицкоски.
Тој појасни дека кога денеска би излегле со нашиот кредитен рејтинг и ако споредиме држави со многу подобар кредитен рејтинг дека земаат еврообврзница со каматна стапка од 5 отсто, тогаш ние не можеме да очекуваме еврообврзница пониска од 6 отсто, а сега добиваме заем од 3,25 отсто.
„На 500 милиони евра кога сето ова ќе го ставите, рочноста од 15 години, тоа се заштеда од 200 милиони евра. Ќе се задолжиме за да се раздолжиме, односно идните влади и генерации ќе немаат еврообврзница да враќаат. Тие би требало да бидат оперативни од следната година. Останатите 250 милиони евра рековме дека ќе бидат ставени на располагање на бизнисот преку Македонската банка за обнова и развој, односно комерцијалните банки со каматна стапка од 1,95 отсто со грејс период до 3 години и рок на отплата до 15 години, што мислам дека ниту една компанија во Македонија во овој момент ги нема овие услови, би рекол и во регионот“,
рече премиерот Мицкоски.
Тој додаде дека останатите 250 милиони евра се за капитални инвестиции во општините, како што се инфраструктурни проекти, булевари, улици, водоводи, пречистителни станици, училишта, градинки и слично.
„Така што од оваа 1 милијарда евра која ја ветивме, ние завршуваме три работи. Првата е дека се задолжуваме за да се раздолжиме и веќе следните влади, кои и да се, нема да плаќаат еврообврзница, една ќе има помалку. Второ, трошиме за капитални инвестиции за општините, допираме до 250-300 илјади домаќинства. Трето, преку бизнис-заедницата допираме до сите граѓани“,
нагласи претседателот на Владата.
