Средбата со заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, Мицкоски ја опиша за конструктивна и пријателска и оцени дека по неа американскиот претставник има појасна слика за позициите и ставовите на ВМРО-ДПМНЕ
Конструктивна и пријателска средба помеѓу стратешки пријатели. Со овие зборови претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја опиша средбата со заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, која се одржа вчера во американската амбасада во Скопје.

Одговарајќи на новинарско прашање за што точно се разговарало на средбата, Мицкоски кажа оти на Ескобар му ги аргументирал причините зошто ВМРО-ДПМНЕ е против усвојување на уставните измени и го повторил партискиот став за одржување на предвремени парламентарни избори.
„Ценам дека сега и лично на господинот Ескобар му се појасни позициите на ВМРО-ДПМНЕ“,
изјави Мицкоски.
На средбата, на која освен Ескобар присуствуваше и американската амбасадорка Анџела Агелер, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кажа и дека морал да ги дебрифира дел од лажните информации со кои, како што рече, власта ги злоупотребува претставниците на меѓународната заедница чиј дел се и САД, притоа не појаснувајќи на што точно мисли кога го кажува ова.
Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ е загрижена повеќе од кого било за состојбата во која се наоѓа државата бидејќи, како што рече, „ние, сепак, живееме во оваа држава и го делиме секојдневието во кое живеат граѓаните“.
„Го делиме секојдневието, се бориме да го промениме тоа секојдневие и да, значајна ни е соработката со сите наши стратешки партнери и соработката со меѓународната заедница. Но, најголем приоритет има квалитетот на нашите сограѓани и состојбата во која нашите сограѓани живеат во Македонија. За тоа да се промени потребни се предвремени парламентарни избори, затоа што оваа влада секако има кредибилитет нула и единствената платформа и политика која ја имаше, а тоа беше прифаќање на бугарски диктат, ѝ се удри во ѕид“,
додаде Мицкоски.