Институциите ја туркаат приказната оти клучна причина за смртта е јаглерод моноксидот, наспроти фактот дека кај една третина од жртвите е утврдено присуство на водороден цијанид над граничните вредности, порачаа родителите на настраданите во „Пулс“
Виница маршира – не од политика и омраза, туку од болка, совест и потреба за вистината и одговорноста конечно да добијат име и лице, порачаа родителите на жртвите во кочанската дискотека „Пулс“ од „Маршот на ангелите“ кој за прв пат се одржа во Виница. Семејствата од маршот побараа одговорност за институционално непостапување и потписи без контрола.
Во фокус на пораките од маршот беше тезата дека институциите ја туркаат приказната оти клучна причина за смртта е јаглерод моноксидот, наспроти фактот дека кај една третина од жртвите е утврдено присуство на водороден цијанид над граничните вредности.
„Кај дел од жртвите кај кои се утврдени ниски вредности на карбоксихемоглобин, сосема оправдано се поставува прашањето дали без присуството на цијанид, постоела реална можност дел од нив да преживеат или да имаат повеќе време за евакуација и спасување. И тука тежината на одговорноста станува уште поголема. Ако токсичниот чад од полиуретанскиот сунѓер ја забрзал смртта, тогаш ова не е само последица на пожар, туку и последица на години дозволено вградување, толерирање и непостапување. Дополнително, сериозно загрижува фактот што анализите за цијанид биле правени приближно една година по обдукциите, бидејќи ако и после една година, во примероци што стоеле замрзнати, сѐ уште се пронаоѓаат вредности над граничните, тогаш прашањето е колкави биле тие концентрации во моментот на смртта“,
рече Тања Коцева, мајка на починатата Ана од Виница.

Семејствата на настраданите во „Пулс“ побараа одговрност од сите инспекторати кои не утврдиле пропусти ниту констатирале недоследности во објектот каде загинаа 63 лица.
„Каде биле инспекторите на Дирекцијата за заштита и спасување, чија законска должност е да проверуваат противпожарна безбедност и опасни материјали? Каде биле градежните инспектори кога во објектот се вршеле интервенции, пренамени и вградување токсични и леснозапаливи материјали? Каде биле инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, кои требало да утврдат дали објектот воопшто ги исполнува условите за работа? Каде бил Државниот инспекторат за труд, кој имал обврска да контролира безбедност и заштита при работа во објект полн со луѓе? И најважно — како е можно со години никој од нив да не констатира дека во затворен јавен објект има полиуретански сунѓер кој при пожар испушта смртоносен водороден цијанид?“
кажа Коцева.

Протестот започна во 17 часот и 5 минути од плоштадот „Ангел Винички“ , а продолжи низ централните улици во градот до полициската станица и заврши повторно на плоштадот во Виница.
