Ја добив поддршката од Коалицијата за натамошните чекори во промена на власта, објави лидерот на ВМРО ДПМНЕ на „Фејсбук“
Лидерот на ВМРО -ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска се сретнал со партнерите во коалицијата „За обнова на Македонија“ и, како што самиот напиша на „Фејсбук“, ја добил поддршката за „понатамошните чекори во промена на власта“.
„Денес остварив средба со претставниците на партиите од коалицијата „За обнова на Македонија“. На средбата ги информирав за новата реалност и новото мнозинство во собранието, кое значи пад на владата на СДСМ – ДУИ. Ја добив поддршката од Коалицијата за натамошните чекори во промена на власта“,
пишува во објавата на Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција соопшти дека до понеделник ќе чекаат премиерот Зоран Заев да поднесе оставка, а доколку то не се случи, ја започнуваат процедурата за изгласување недоверба на Владата.
Говорејќи за следните чекори тој рече – прво ќе се обиде да формира влада, а доколку не успее, ќе се оди на брзи предвремени парламентарни избори.
„Во периодот што следи ќе се обидам, повторувам ќе се обидам да формирам нова влада и тоа ќе се случи само доколку бидам сигурен дека тоа ќе биде влада со сериозен кредибилитет, влада со силни институции кои ќе гарантираат стабилност, нова енергија и ефикасност во реформите и промените кои следат. Доколку не се постигне оваа цел кон која се стремам и не обезбедам полна ефикасност на владата потребна за справување со кризите, борба против корупцијата и криминалот, коишто се клучниот проблем во нашата држава, понатаму полна ефикасност на владата , тогаш она што ни преостанува како единствена опција се брзи предвремени парламентарни избори, за народот на Македонија да одлучи за новата иднина“,
рече денеска Мицкоски.
На прашањето дали се сигурни дека имаат 61 за формирање влада, Мицкоски рече дека тоа ќе се види кога ќе го добијат мандатот.
„Дали ќе имаме 61 пратеник не би можел да ви кажам, може ќе имаме 70 и повеќе. Тогаш ќе кажеме започнуваме преговори и имаме мнозинство, кое може да биде и поголемо. Ако не успееме ќе се обратиме и ќе кажеме дека не сме успеале“,
рече Мицкоски.