На трите оштетени невработени лица им ветувала дека ќе им посредува да добијат социјални станови во Лисиче по цена пониска од реалната, наведувајќи ги да ѝ исплатат по 12 000 евра за стан и 3 000 евра за посредување и изготвување документација
Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 41-годишна вработена како аналитичар во СВР Скопје, која е осомничена за продолжено кривично дело – измама.
Како што наведуваат од Обвинителството, осомничената од април 2023, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, довела во заблуда три лица, на кои лажно им се претставила како началник во полициската станица „Гази Баба“ и член на Комисија за доделување социјални станови.
„На трите оштетени невработени лица им ветувала дека ќе им посредува да добијат социјални станови во Лисиче по цена пониска од реалната, наведувајќи ги да и исплатат по 12.000 евра за стан и 3.000 евра за посредување и изготвување документација. Парите и ги давале во повеќе наврати, а при последната исплата на 12.500 евра, во близина на полициската станица, била затекната веднаш по предавањето на парите“,
посочуваат од Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање живеалиште, обврска повремено да се јавува кај службено лице во судот и одземање на патната исправа.
Претходно и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека станува збор вработена во МВР со иницијали И. М., кај која е направен претсрес во домот и службените простории кои ги користела.
Пронајдена е пообемна сомнителна документација која е поврзана со кривичното дело, во вид на разни документи за кои постои сомневање дека се фалсификувани, разни договори за позајмици, договори за посредување за доделување на социјални станови, имотни листови, како и тефтер со ракопис во кој е водена евиденција за лица за кои биле вршени определени работи.
„Исто така, при извршен претрес во дом и други простории кои ги користи лицето И. М. лоцирани во Општина Сарај, беше пронајдено и огнено оружје со шест парчиња муниција кои најверојатно ги поседува без дозвола, за што известено е и Одделението за недозволена трговија со оружје при СВР Скопје заради преземање на дополнителни мерки“,
соопшти Тошковски.