Како што објавува Журнал.мк повикувајќи се на свои неименувани партиски извори до моментот на одржување на средбата во Собранието за новото мнозинство, Алтернатива како партија не е информирана дека во ова ново мнозинство е и Левица на Апасиев, туку имале информации дека ЛДП на Горан Милевски ќе биде вклучена
Новинската агенција Журнал на албански јазик денеска објави дека пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи-Зејд, нема да го поддржи новото мнозинство во кое е вклучена и Левица на Апасиев.
Агенцијата, повикувајќи се на свои неименувани партиски извори, објавува дека тој е категорично против соработка со партијата Левица, партија позната како анти-НАТО, анти-ЕУ и антиамериканска, против Договорот од Преспа и Охридскиот договор, и најавил дека ќе побара од неговата партија да се повлече од овој договор, пренесува Журнал.мк.
Истиот извор наведува дека до моментот на одржување на средбата во Собранието за новото мнозинство, Алтернатива како партија не е информирана дека во ова ново мнозинство е и Левица на Апасиев, туку имале информации дека ЛДП на Горан Милевски ќе биде вклучена. Сега пратеникот Зејд бара неговата партија да се повлече од мнозинството, во спротивно тој нема да гласа за оваа влада.
Во таква ситуација, најавената коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ која би требало да предизвика изгласување недоверба на владата ќе го нема потребниот број пратеници, односно без Скендер Реџепи Зејд и недостига уште еден пратеник за да стигне до посакуваната цел.