Тој посочи дека кога се говори за двојни стандарди во политкиката, треба да се има предвид македонското прашање затоа што две декади кандидатскиот статус не може да се претвори во членство поради „вештачките прашања кои се отвораат“

Наместо „европеизација на Балканот, се случува балканизација на Европа“, бидејќи некои балкански земји членки ги донесоа балканските спорови и балканските вредности во Брисел наместо да е обратно, рече денеска на панел-дискусијата „Геостратегија и енергетска сигурност“, премиерот Христијан Мицкоски во Минхен.
Тој посочи дека кога се говори за двојни стандарди во политкиката, треба да се има предвид македонското прашање затоа што две декади кандидатскиот статус не може да се претвори во членство поради „вештачките прашања кои се отвораат“.
„Ги слушнав гласините во Минхен, за мешање во внатрешните прашања, но кога го менувавме нашето знаме, кога ја менувавме валутата или кога го менувавме нашето уставно име, што беше тоа? Нели беше тоа мешање во внатрешните работи и зошто тогаш никој гласно не говореше? Дури и сега се соочуваме со барање за менување на Уставот пак, доколку сакаме да почнеме преговори со ЕУ. Што е тоа? Зарем не е тоа мешање во внатрешните работи?“,
рече Мицкоски, соопштија од Владата.
Мицкоски го посочи примерот со Русија, која го негира украинскиот идентитет, јазик, црква, и врши ужасна инвазија, но во исто време, вели тој, парламентот на една од најмладите членки на ЕУ го негира македонскиот идентитет, македонскиот јазик кој е официјален јазик на ООН од 1945 и е меѓународно кодификуван од 1977.