Можни се три сценарија за македонската економија и сите завршуваат со огромно зголемување на јавниот долг. Добро е што Владата делумно ги прифати мерките од уредбата што ја предложивме, но потребно е уште повеќе, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Министерството за финансии прифатило дел од одредбите од предлог-уредбата што ВМРО-ДПМНЕ ја достави до владата, а која предвидуваше компаниите да добијат помош од државата во висина од 50 проценти на бруто-трошоците за плата по вработен, оцени денеска, преку видео-обраќање, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.
„Ја проследив прес-конференцијата на ресорниот министер, која се однесуваше на објаснување на кои компании може да ја користат помошта од Владата. Она што можев денеска да го видам е различно од првичната Уредба што ја донесе Министерството за финансии преку Владата. Она што можев денеска да го видам е дека Министерството за финансии прифатило дел од мерките од уредбата што ВМРО-ДПМНЕ, преку министерот Наќе Чулев, ја достави до Владата, а техничкиот премиер Оливер Спасовски одби да ја стави на дневен ред“,
рече Мицкоски.
Тој посочи дека таа уредба предвидуваше да се намали до јули, наместо до септември, периодот до кој газдите се обврзани да ги задржат вработените. Втората предлог-мерка е зголемување на опфатот на компании што можат да ја користат оваа уредба. И, според Мицкоски, најважно е дека компаниите кои доделиле определена награда, бонус, или пак распредлиле дивиденда на почетокот од оваа година не можат да ја користат евентуалната помош од Владата.
„И добро е што овие три работи ги прифатиле, но еве ја користам оваа прилика да апелирам до нив да прифатат и дополнително други три работи“, рече Мицкоски.
Според него, треба да се напушти принципот средства што ќе ѝ бидат доделени како помош на македонската економија да треба да се вратат во 2021 година. Како второ, вели Мицкоски, мерките треба да се однесуваат и на месец март, кој е исклучително тежок од аспект на шокот што го претрпеа компаниите како резултат на негативните ефекти од пандемијата. И третата работа, како што вели, е да се релаксира фискалната политика.
„Можни се три сценарија за македонската економија и сите завршуваат со огромно зголемување на јавниот долг. Добро е што Владата делумно ги прифати мерките од уредбата што ја предложивме, но потребно е уште повеќе, да не се бара од корисниците да ја вратат помошта од државата, релаксирање на фискалната политика и државна помош и за месец март за работниците и компаниите. Не се согласувам со кронизмот, профитерски да се ќарува преку зголемување на акцизата на горивата, што ќе донесе покачување на продуктите потребни за граѓаните“,
рече Мицкоски.