„Артан Груби гледам ја провоцира албанската опозиција и носи куфери однесувајќи се агресивно, повикувајќи да дадат оставка. Сакам од овде од Кавадарци да му порачам – нека си ги спрема тој неговите куфери затоа што за брзо ќе му требаат. Може да им позајми и на СДСМ затоа што народот е определен и бара промени“, рече Мицкоски

ФОТО: Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека партијата во првиот круг од претседателските избори извојувала огромна победа и со тоа се покажало дека народот е свесен за тоа што се случува во земјата.
„Ова е револуција на народот, пред се затоа што преовладува чувството дека во сопствената земја народот стана кираџија. И тоа токму поради дуото СДСМ-ДУИ“,
рече Мицкоски на вечерашниот митинг во Кавадарци во рамки на кампањата „Македонија повторно твоја! Промените во твои раце“ .
Мицкоски рече и дека ништо не функционира во државата и како институциите не се во корист на граѓаните.
Повторувајќи дека се чека за пасоши, лични карти, за документи кои му следуваат на народот, рече оти овој проблем му бил препуштен да го решава ВМРО-ДПМНЕ и Панче Тошковски.
Според Мицкоски, проблемот е што ДУИ е газдата во државата.
„Нашите, вашите судбини зависат од стотина души на ДУИ кои контролираат се. Артан Груби и компанијата се господари на Македонија, но и одговорни за колективниот грабеж. Велат дека ДУИ никогаш немал подобар партнер за власт како СДСМ. Што и да им побарале, не добивале сто проценти, туку дупло, двеста. И затоа е и сега нервозата во ДУИ, зошто знаат по овие избори ниту ќе имаат власт, ниту пак ќе имаат измеќари како СДСМ“,
изјави Мицкоски.
Државата е притисната со незнаење и неспособност, рече Мицкоски и додаде дека лидерот на СДСМ Ковачевски е подготвен „стој на раце да прави само да не го налути ДУИ“.
„Артан Груби гледам ја провоцира албанската опозиција и носи куфери однесувајќи се агресивно, повикувајќи да дадат оставка. Сакам од овде од Кавадарци да му порачам – нека си ги спрема тој неговите куфери затоа што за брзо ќе му требаат. Може да им позајми и на СДСМ затоа што народот е определен и бара промени“,
додаде тој.
Според него, ниту едно сценарио против Македонија нема да биде успешно и додаде дека овие денови во власта силно се ангажирани на две сценарија кои во суштина се завера против Македонија.
„Првото е сценарио на бојкот. Европјаниве од СДСМ, кои се утепаа од крадење, сакаат да бојкотираат затоа што народот не ги сака и ќе доживеат тежок дебакл. На тој начин сакаат свесно да предизвикаат нова уставна криза“,
рече Мицкоски.
За второто сценарио, Мицкоски вели оти е пазарџиска делба со ДУИ на ресори и министерства.
„Ковачевски оставил на Ахмети сам да одреди колку министерства ќе му остави на СДСМ. Тој не сфаќа дека поразот е и токму поради тоа што партијата го изгуби идентитетот трчајќи по тоа да му измеќари и удоволи на Али Ахмети. И двете сценарија се губитнички за Македонија и удираат по нејзините основи“,
кажа Мицкоски.
Мицкоски, решението за сето ова го гледа во масовна излезеност на изборите на 8 мај.
„Мобилизација и масовна излезност. Решението и за бојкотот и за пазарџиската поделба на ресори е само едно масовно гласање на избори. Колку повеќе гласаат, толку поголема ќе биде силата за промени“,
рече Мицкоски.