Покрај замрзнатиот имот и долговите што ги наследи, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ планира да подигне нов кредит за претстојните избори. Освен тоа, вели дека би прифатил донации и од Камчев, и од Заев, и од Груевски…
Кампањата на ВМРО-ДПМНЕ за претстојните избори ќе се финансира преку три столба: членарина, донации и веројатно преку кредит што ќе го подигне партијата од некоја од комерцијалните банки, информира денеска партискиот лидер Христијан Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање дали би прифатил донација, на пример, од бизнисменот Орце Камчев или од поранешниот директор на УБК, Сашко Мијалков, Мицкоски рече дека се добредојдени сите што сакаат да ја поддржат ВМРО-ДПМНЕ на изборите.
„На веб-страницата на партијата имаме објавено жиро-сметка и цел на дознака. Секој граѓанин на оваа држава, кој цени дека треба да ја поддржи ВМРО-ДПМНЕ, е добредојден да финансира за кампањата, независно дали е тоа Камчев, Мијалков, Зоран Заев, Никола Груевски…“
изјави Мицкоски.

Тој тврди дека редовно се подмирува долгот на партијата, чие седиште е под хипотека, а речиси целиот нејзини имот е замрзнат со судска одлука.
„Да, точно знаеме колкав е долгот на партијата. Точно е и дека седиштето е под хипотека во една од комерцијалните банки. Редовно го сервисираме долгот. Се надеваме дека ќе немаме проблем и во иднина да ги сервисираме обврските, и покрај незаконската одлука на судот да го замрзне имотот на партијата, како и покрај тоа што државата, за да врши притисок, не ги исплати оние средства што ни следуваат по закон за финансирање на партијата. Убеден сум дека партијата ќе ги совлада и овие предизвици и ќе излезе повторно како победник. До овој момент немаме никакво предупредување од доверителите за тоа дали навреме ги сервисираме или не нашите обврски. Заклучно со 1 февруари годинава сите обврски на партијата се сервисирани како што треба“,
изјави Мицкоски.
Ќе се проширува и коалицијата „Обнова“
Тој најави и дека многу скоро, можеби уште денеска, ќе се знае кои се партии ќе бидат дел од коалицијата „Обнова за Македонија“.
„Има голем број политички партии кои преговараат со ВМРО-ДПМНЕ, ги презентираат своите гледишта, своите позиции. Во текот на оваа недела ВМРО-ДПМНЕ ќе одговори на тоа. Многу брзо јавноста ќе биде запознаена. Коалицијата ‘За обнова на Македонија’ е таа што преговара со партии што се во коалицијата и со партии што сакаат да и пристапат на коалицијата. Јавноста многу брзо ќе ја дознае идната победничка коалиција“,
рече Мицкоски.
Во ноември 2018 година, Основниот суд – Скопје 1, по барање на СЈО, донесе одлука за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ. Со „привремената мерка за обезбедување имот на ВМРО-ДПМНЕ“, практично, е забрането отуѓување или давање под закуп на 69 недвижнини низ државата, меѓу кои е и зградата каде што се наоѓа партиското седиште.
Случајот „Талир“
Одлуката за замрзнување на имотот е во рамки на процесот „Талир“, кој е поделен во два дела – едниот се однесува на сомневања за нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, а другиот на изградбата на луксузната партиска централа во центарот на Скопје. Меѓу обвинетите за овој случај, за кој сè уште не е почнато судење, се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот генерален секретар на владата Кирил Божиновски, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и пратеникот Илија Димовски.
„Талир“ е единствениот од случаите на СЈО за кој беше покренато обвинение по „критичниот рок“ 30 јуни 2017 година. Другите случаи што беа отворени по овој датум сè уште се во фаза на истрага и предистрага.
Новиот Закон за јавно обвинителство, кој беше донесен на 16 февруари, без учество на ВМРО-ДПМНЕ, предвидува дека материјалите и транскриптите од незаконското прислушување за предметите покренати по 30 јуни 2017 година можат да се користат само како индиции. На нив не може да се заснова обвинителен акт или обвинителен предлог и истите не можат да бидат предложени и употребени како доказ во постапката по поднесениот обвинителен акт или обвинителен предлог. Членот 110 од новиот Закон за ЈО предизвика најмногу реакции меѓу противниците на донесувањето на оваа регулатива, со образложенија дека се подготвува заобиколна амнестија.
Финансирањето на партиите
Пред да биде замрзнат имотот на ВМРО-ДПМНЕ, на инсистирање на оваа партија, а со цел деблокада на процедурите за распишување на референдумот за името, беше донесен нов Закон за финансирање на политичките партии. Регулативата која беше донесена летото 2018 година овозможи зголемување на сумите од буџетот за финансирање на партиите за 2,5 пати, а за сметка на тоа се намалија донациите од физички и од правни лица.

Според неодамнешните измени на Изборниот законик, пак, изборната кампања може да се финансира од редовната сметка на партијата; од членарина; од донации од физички и од правни лица и од кредити. Сепак, донациите за физички и правни лица се ограничени на по три илјади и 30 илјади евра.