Мицкоски, кој за средбата со Рикер информира на својот фејсбук-профил, вели дека разговарале и за потенцијалот што го нуди регионот за економска и политичка соработка

ФОТО: Фејсбук-профил на Христијан Мицкоски
Предизвиците со кои се соочува земјата и поддршката што е потребна за остварување на стратешките интереси биле во фокусот на разговорот што денеска премиерот Христијан Мицкоски го водел на средбата во Вашингтон со поранешниот амбасадор на САД, Филип Рикер.
Мицкоски, кој за средбата со Рикер информира на својот фејсбук-профил, вели дека разговарале и за потенцијалот што го нуди регионот за економска и политичка соработка.
„Посетата во Вашингтон ја искористив за средба со поранешниот амбасадор на САД, Филип Рикер. Разговаравме за предизвиците со кои се соочува Македонија, поддршката која е потребна за остварување на стратешките интереси. Разговаравме и за потенцијалот кој го нуди регионот за економска и политичка соработка. Мораме да ја менуваме реалноста и да го подобруваме животот на граѓаните“,
се вели во објавата од Мицкоски.
Премиерот Мицкоски ја предводи владината делегација која е во официјална посета на САД, а ќе учествува и на Самитот на НАТО. Во составот на делегацијата се и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Самитот на НАТО по повод одбележување на 75-годишнината од формирањето на воената алијанса се одржува во Вашингтон од денеска до 11 јули.
Откако замина за Вашингтон, Мицкоски на Фејсбук информира дека имал средба и со Ричард Гренел, американски дипломат, поранешен директор на американската разузнавачка служба и добар познавач на состојбите на Балканот.
Делегацијата предводена од премиерот Христијан Мицкоски во Вашингтон се сретна со претставници на македонската дијаспора. Мицкоски напиша дека со Мето Коловски и Обединетата македонска дијаспора разговарале за поддршка и лобирање за македонските интереси.
Вчера, Мицкоски информира и за остварена средба со извршниот потпретседател на компанијата „Вабтек“, која ја најави и како нова инвестиција во земјава.
Премиерот Христијан Мицкоски на предавање што вчера го одржа на Универзитетот „Џон Хопкинс“ во Балтимор, говорејќи за теми што се од интерес на регионот, се осврна и на она што е најголем приоритет на Владата.
Мицкоски, како што се вели во соопштението од владината прес-служба, на предавањето рекол дека најголем приоритет на Владата пред сè ќе биде зајакнувањето на економијата.