Секој граѓанин има право на избор, и тие кои ќе одлучат да апстинираат, и тие кои ќе одлучат нормално да го отворат својот дом и да ги поканат внатре попишувачите кои ќе дојдат пред нивната врата. Тоа е избор на граѓаните, вели лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостување на Алфа.
Но, за него е спорно и влегувањето во домовите на луѓето во време на пандемија.
„Протоколите не дозволуваат повеќе од четири лица во домовите, а попишувачите ќе може да влезат во домовите на луѓето. Ова, Владата го прави на сила без никаков план и стратегија“,
додаде Мицкоски.
Претходно, министерот за здравство Венко Филипче рече дека и попишувањето на населението ќе се одвива според посебни протоколи.
„Пописот може да се изведе по сите здравствени протоколи. Консензус на ниво на СЗО е дека ниту еден процес и постапка не треба да запре, туку треба да се спроведува со протоколи кои се универзално прифатени во сите земји. Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести се на располагање за едукација и донесување протоколи за спроведување на оваа статистичка операција“,
изјави Филипче, посочувајќи го како позитивен пример изборниот процес, кој, како што рече, во делот на спроведувањето на здравствените протоколи помина без ниту една забелешка.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ чека законот за попис да излезе во Службен весник да почнат со собирање потписи од граѓаните со кои ќе побараат во Парламентот да се укине донесениот Закон за попис.
„Ги повикуваме и другите политички субјекти кои што се дел од Парламентот, а кои ценат дека ова не е статистичка туку политичка операција да застанат позади таа иницијатива, нема да ја депонираме до претседателот на Собрание, туку преку подрачните единици на Министерството за правда ќе отпочнеме операција на собирање потписи на граѓани со коишто очекуваме масовна поддршка и со коишто очекуваме да биде засилена оваа иницијатива на пратениците“,
рече Мицкоски.
Тој нагласи дека опозицијата се спротиставила и на двојниот потпис со кој, според него, оваа операција е се само не статистичка.
„Практично процентите веќе некој ги знае, а овој двоен потпис само за секој случај да бидеме сигурни дека тоа што сме го договорили сме подале рака како коалицони партнери дека така ќе биде, а до колку некој измрда од овој договор тогаш тука е двојниот попис и нема тоа да го признаеме“,
коментира Мицкоски за наводен договoр меѓу СДСМ и ДУИ.