Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, преку социјалните мрежи го прозва претседателот Стево Пендаровски во врска со последните статистики за состојбата со коронавирусот, а Зоран Заев, пак, рече дека претседателот не може да ја продолжи вонредната состојба ако нема предлог од Владата.
„Велеа дека ја победија Короната, а поради негрижата на Владата на Заев и Спасовски досега имаме: 169 починати; 3538 заразени; повеќе од 15 илјади граѓани кои се нови невработени и ги загубија работните места; сè уште непознат број на новозаразени кои допрва ќе се откријат. А Заев и Владата се фалат дека се е под контрола и се е нормално … Вонредното го прават редовно, ненормалното нормално. Претседателе Пендаровски, се слушаме!?“,
напиша Мицкоски на Фејсбук.
Заев во гостувањето на ТВ 21 вечерва, коментирајќи го ваквиот статус, рече дека бројките ги болат сите, но исто може да биде и по еден месец, а Пендаровски, пак, сам не може да ја продолжи вонредната состојба.
„Господинот Мицкоски вели ’претседателе, дали се слушаме?‘. Претседателот Пендаровски, ако нема предлог за вонредна состојба, што ќе прави? Тој не може сам да си предложи и да си одлучи за вонредна состојба. А тој што ја предлага вонредната треба силно и аргументирано да ја правда. Мора да има предлог од Владата за да има вонредна состојба. Мораме да бидеме сериозни. Бројките денеска нè болат сите, на сите ни е тешко, и на власт и на опозиција. Но, тие може да бидат исти и на 15 јули и на 15 август и на 15 септември … Да ја оставиме државата без парламент? Во септември треба да имаме меѓувладина конференција, да почнеме да ги договараме поглавјата со ЕУ“,
рече Заев додавајќи дека иако сега владата е на СДСМ, не е чесно таа да продолжи, а да нема избори, бидејќи тоа не е парламентарна демократија.
Вонредната состојба истекува во сабота, а шефот на државата, како што објави „360 степени“, утре ќе има обраќање за актуелната ситуација.
*Поврзани вести:
Утре обраќање на Пендаровски за актуелната ситуација
Јанушев: Избори на 5 јули нема да има
Заев: Кажи-речи беше договорено избори да има на 8 јули
СДСМ очекува да победи на избори со 6-10 пратеници повеќе од ВМРО-ДПМНЕ
Заев: ДУИ со популистичката кампања „премиер Албанец“ ќе оди во опозиција