Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ја нарече кампањата на ДУИ за „премиер Албанец“ популистички чекор кој е опсеан со национализам.
„Како основоположник на концептот ’едно општество за сите‘ сметам дека ова е популистички чекор, опсеан со национализам. Ништо повеќе нема во тоа, исклучиво е заради партиско-популистички калкулации. Со ваквиот вид на кампања ДУИ ќе оди во опозиција, тоа е сигурно и ќе губи гласови затоа што ја повредува интелигенцијата на нашиот народ“,
рече Заев во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.
Тој смета дека ДУИ на ваков начин ја повредува интелигенцијата на народот затоа што испраќа порака дека не се важни гласовите на граѓаните туку тоа што некој потоа ќе условува, а граѓаните, рече Заев, треба да знаат дека тој што ќе победи на избори ќе има мнозинство во парламентот, ќе формира и влада.
„Треба да знаат дека се обидуваат да калкулираат со гласови, а всушност ќе изгубат гласови. Затоа СДСМ ќе победи и ако тоа е условот на ДУИ нема да преговараме со нив за влада“,
вели Заев.
Тој порача дека е здраво и за државата и за самата партија ДУИ, по 16 години поминати на власт, да замине во опозиција.
„Не биле во опозиција, да видат како е во опозиција“,
рече лидерот на СДСМ.