Според лидерот на опозициската партија тоа драматично ќе го олесни буџетот на граѓаните, буџетот на компаниите, но, ќе им помогне и на општините
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска коментирајќи ја прес-конференцијата на премиерот, Димитар Ковачевски околу одлуките за снабдување на училиштата и јавните претпријатија за водостопански услуги, рече оти е добро што Владата прифатила дел од мерките на опозициската партија за ублажување на последиците од енергетската криза.
„Ја слушав внимателно прес-конференцијата на Димитар Ковачевски, таму има три мерки од кои две се предлог на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се основните и средните училишта да добијат повластена цена на струја и јавните претпријатија кои испорачуваат водостопански услуги да добијат исто така повластена цена на струјата“,
рече Мицкоски за време на денешната посета на општина Зелениково.
Тој укажа дека станува збор за оние барања што ги имаше ВМРО-ДПМНЕ и дека е добро што Владата и Димитар Ковачевски ги прифатиле нивните предлози.
Според Мицкоски тоа драматично ќе го олесни буџетот на граѓаните, буџетот на компаниите, но и ќе им помогне и на општините.
„Тоа се барања на ВМРО-ДПМНЕ и добро што престанаа да се инаетат и прифатија дел. Потоа Ковачевски вели дека ќе има повластена цена и за оние кои произведуваат храна, таа ќе биде 80 евра за мегават час и околу 48 денари за киловат час, другата 60 денари за киловат час. Што значи дека чекаа храната да поскапи за 31 процент. Вчера Државниот завод за статистика излезе со прецизна бројка дека во октомври годинава споредено со октомври минатата година цената на храната е зголемена за 31,2 проценти, а инфлацијата е близу 20 проценти“,
изјави Мицкоски.
Според него надлежните чекаа да се покачат цените и оти не очекува дека трговците и производителите ќе ги намалат во тој обем колку што пропорционално изнесува намалувањето на цената на струјата бидејќи е задоцнето со мерките.
„Сето тоа е влезено во спирала, но, подобро нешто, отколку ништо“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ заклучи Мицкоски.
Од денеска физички и правни лица регистрирани за вршење на дејност од областа на прехранбената индустрија, јавните претпријатија од областа на водостопанство, како и основните и средни јавни училишта ќе можат да склучуваат договори со ЕСМ за снабдување со електрична енергија, информираше денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Оваа одлука, вели премиерот, има за цел да го спречи растот на цените на одредени прехранбени производи, да се одржи континуитет во снабдувањето со вода, како и да се обезбеди електрична енергија за училиштата за непречено одвивање на наставата во текот на претстојниот период.