Според него, правењето паралела со Ванчо Михајлов било намера на СДСМ со цел да се вулгаризира тоа што тој го зборувал на Канал 5
По обвинувањата од СДСМ дека е континуитет на Ванчо Михајлов, откако во интервју за Канал 5 лидерот на ВМРО-ДПМНЕ побара да се затвори бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, изоставувајќи го клубот „Ванчо Михајлов“, Христијан Мицкоски во интервју за „Република“ излезе со нов став. Според него, треба да се затворат двата клуба поради реципроцитет, а не дека некој бил соработник со некој режим.
„Затворањето на бугарските клубови не е од причина зашто некој бил или не бил соработник со некој режим. Тоа е поради политички реципроцитет. Ако Македонците во Бугарија не можат да имаат свој клуб каде што културно ќе се организираат или да имаат права кои се резултат на пресудите на Судот во Стразбур, јас не гледам ниту една причина зошто овие 1 500 граѓани на Македонија, кои се декларираат дека бугарскиот јазик им е мајчин, да имаат таков клуб и да се организираат во Македонија. Дали е тоа клуб Иван или Ванчо Михајлов или е Цар Борис Трети за мене во политичка смисла е сеедно. И двата треба да бидат затворени, а трет и не треба да се дозволи. Кога зборуваме за политички реципроцитет, тогаш не треба ниту еден клуб да биде оставен отворен бидејќи на нашинците во Бугарија не им е овозможено да имаат свој клуб“,
посочува Мицкоски.
Според него, правењето паралела со Ванчо Михајлов било намера на СДСМ со цел да се вулгаризира тоа што тој го зборувал на Канал 5.
„Јас го кажав ова: На кичевскиот конгрес во 1995 година донесена е одлука со која се признава континуитетот на историското ВМРО и современата ВМРО-ДПМНЕ со првиот конгрес во 1991 година во Прилеп. Започнувајќи од првиот конгрес во Ресен сè до осмиот во 1932 г. во Горна Џумаја, па почнувајќи со првиот во Прилеп или деветтиот во континуитет, завршувајќи со седумнаесеттиот во Скопје. И да, дел од овие конгреси и претседател на ВМРО во историска смисла на зборот Иван Михајлов. И да тој бил во егзил во Загреб каде што живеел и соработувал со тогашната НДХ која била фашистички односно нацистички сојузник. Јас не се согласувам со тоа како тој ја управувал таа партија или организација во тоа време, како се однесувал и со кого соработувал. Како што можеби за некој по неколку децении нема да се согласува со тоа како јас или некои од моите претходници ја воделе ВМРО-ДПМНЕ во историска смисла. Но ова е континуитет на една организација којашто во современото време станува политичка партија“,
објаснува Мицкоски.