Двете најголеми партии во Македонија, владејачкиот СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, не престануваат да се обвинуваат која е „побугарска партија“
Деновиве медиумите се сведоци на наплив од соопштенија, особено од електронската пошта на СДСМ, во кои се обвинува ривалот дека е континуитет на Ванчо Михајлов.
Ова доаѓа откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пред три дена, во интервју за Канал 5 телевизија, побара да се затвори бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, но изостана истото да го побара и за бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола.
„Ванчо Михајлов бил предводник на организацијата во одреден историски период, а Цар Борис бил прв човек на држава што соработувала со нацистите во Втората светска војна и наредила да бидат испратени 7 200 македонски граѓани со еврејско потекло во концентрациониот логор Треблинка. Има разлика од едниот до другиот. Михајлов секако е контроверзен историски лик. Ние можеме да зборуваме за многу контроверзии за Иван Михајлов или Ванчо, и можеме да зборуваме за неговата биографија која е, да, контроверзна. Јас лично не се согласувам со начинот на кој дејствувал во периодот во кој дејствувал. Мене не ми е проблем да зборувам за него и за неговите претходници, но да се задржиме на денешницата“,
рече Мицкоски.
Тој нагласи дека денешните лидери не мора да се согласуваат со начинот на кој дејствувале претходните.
По ваквиот искажан став, од СДСМ не престанаа да ги прашуваат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, а особено пратеничката Рашела Мизрахи, зошто молчат за конитунитетот на Мицкоски со Ванчо Михајлов?
„Христијан Мицкоски лично го потврди континуитетот на ВМРО-ДПМНЕ со ликот и делото на Ванчо Михајлов и побара тоа да се почитува. Значи, според Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ е идеолошки поклоник на фашизмот, претставува континуитет на луѓе кои што биле извршители на третиот рајх, кои го негираа македонскиот идентитет. Со таквото однесување Мицкоски ја погази идеологијата на ВМРО-ДПМНЕ. Но зошто на ова молчат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ? Што е одговорот на Рашела Мизрахи кога нејзиниот лидер Мицкоски бара и од неа како континуитет на сегашното ВМРО-ДПМНЕ, да го почитува соработникот на третиот рајх, Ванчо Михајлов“,
прашаа денеска преку соопштение од СДСМ.
Неколку соопштенија со слична содржина беа испратени и вчера. Во едното соопштение се нагласува дека „ВМРО-ДПМНЕ правеше фигури на Ванчо Михајлов“.
„Токму ВМРО-ДПМНЕ 11 години Музејот на Македонија го остави во катастрофална состојба, целиот оставен на забот на времето иако целото национално богатство на државата се наоѓа во депоата на музејот. Зошто? Затоа што беа посветени на музеи на ВМРО и восочни фигури на Тодор Александров и Ванчо Михајлов. Прашањето е дали најважниот музеј во земјава ВМРО-ДПМНЕ намерно го остави да пропадне, заради нивниот Музеј на ВМРО“.
Потоа следуваше прес-конференција на портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска. И Кузеска нагласи дека „Христијан Мицкоски лично го потврди континуитетот на ВМРО-ДПМНЕ со ликот и делото на Ванчо Михајлов“. И таа ја повика Мизрахи да каже што има по тоа прашање.
„ВМРО-ДПМНЕ е континуитет на луѓе кои што биле извршители на третиот рајх, кои го негираат македонскиот идентитет, идеолошки поклоник на фашизмот. Сликите на Мицкоски со оние кои го отвораат бугарските клубови не се случајни, Михајлов е дел од континуитетот на ВМРО-ДПМНЕ. Со таквото однесување Мицкоски ги погази ја погази идеологијата на ВМРО-ДПМНЕ. Што ќе кажат на ова пратениците на ВМРО-ДПМНЕ? Што е одговорот на Рашела Мизрахи за скандалозното признание на Мицкоски“,
праша Кузеска.
По ова следеше повторно соопштение: „Со континуитетот на Ванчо Михајлов, Мицкоски ја погази идеологијата на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Христијан Мицкоски со потврдувањето на континуитетот со Ванчо Михајлов ја погази идеологијата на ВМРО-ДПМНЕ. Според Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ е континуитет на идеи кои го негираат македонскиот идентитет, идеолошки поклоник на луѓе кои што биле извршители на третиот рајх. Мицкоски лицемерно зборува за патриотизам и национални интереси и осудува отворање на клубови со имиња на контроверзни историски личности, а од друга страна бара да се почитува Ванчо Михајлов како дел од континуитетот на ВМРО-ДПМНЕ“.
И ВМРО-ДПМНЕ „не остана должна“
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на ваквите обвинувања и повици од страна на СДСМ одговорија со контра-обвинување: „СДС е најбугарската партија“.
„Заев тврдеше дека Бугарите биле ослободители, а истото сега го зборува и Љупчо Георгиевски, ќе се огради ли Ковачевски? Зошто СДС не се огради од коалицискиот партнер кој исто како и Заев вели дека Бугарите биле ослободители, а не окупатори? СДС и Ковачевски го имаат за коалициски партнер Љубчо Георгиевски кој тврди дека Бугарите го ослободиле Скопје. Ковачевски и Георгиевски се верна коалиција. СДС и Ковачевски наместо да сеат магла треба да кажат дали ставот на Георгиевски е нивен став. Ова е само еден во низата пробугарски ставови од СДС и Коалицијата. Прв беше Заев кој тврдеше дека македонскиот и бугарскиот народ и јазик се исти. Потоа уследија сите негаторски тврдења на Бугарската политика кон Македонија. Во време на Заев и СДС почнаа негациите и блокадите, затоа што Заев имаше ставови кои ги изнесе во јавност, а беа потврди дури и од најтврдите бугарски шовинистички и негаторски ставови кон Македонија. СДС е најбугарската партија во Македонија“,
соопшти денеска ВМРО-ДПМНЕ.
Пред да збориме за Михајлов, „СДС да си расчисти во коалицијата за ликот и делото на Михајлов“, порачаа вчера од ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека токму под власт на СДСМ се формирани клубовите „Цар Борис и Михајлов“.
„Пред да збориме и се расправаме за Ванчо Михајлов антимакедонската СДС ја повикуваме да расчисти со две работи: Прво да си расчистат во нивната коалиција околу ликот и делото на Иван Михајлов па после да се расправаат со ВМРО-ДПМНЕ. Второ, кога СДС ќе се откаже од наследството и ќе се извини за елиминирањето на македонската интелигенција од страна на комунистичкиот режим? На крај, СДС е партија под чија власт се одобрени, формирани и дејствуваат клубовите ‘Ванчо Михајлов’ и ‘Цар Борис’“,
се наведува во вчерашното соопштение на најголемата опозициска партија.
Во меѓувреме, останува на партиите во парламентот да постигнат согласност за уставни измени со кои Бугарите, но и други народи ќе бидат внесени во Уставот. Албанските партии истовремено излегоа со свои барања – доколку се отвори Уставот, да се избрише цензусот од „20 проценти“ во однос на албанскиот јазик и тој да стане рамноправен со македонскиот.