Изнесувајќи ги податоците, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ тврди дека власта била во јуриш за поткуп на гласачи, а поради краткорочната економска политика, лошите резултати се почувствувале уште во февруари годинава
Дали Зоран Заев и СДСМ намерно ја втурнаа македонската економија и граѓани во апокалиптично сценарио, водејќи се исклучително од личните и партиските интереси и манифестираа огромно незнаење или е нешто друго во прашање?
Вакво прашање поставува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повикувајќи се на анализа што ја направил и ја објави на социјалните мрежи приложувајќи и графички приказ.
„Буџетскиот дефицит во првите два месеци од 2020 година изнесува речиси 25 проценти од вкупниот, кој е предвиден за цела 2020 година или за 63 проценти повеќе од тој во 2019 година, кога бил 15,2 проценти, а само во февруари тој бил повеќе од 3 милијарди денари“,
анализира Мицкоски повикувајќи се на Извештај за реализација на Буџетот заклучно со февруари 2020.

Вториот податок што го наведува тој во анализата е стоковата размена со странство, извоз и увоз. Во февруари 2020, наведува, првпат во последните 5 година, се бележи пад на извозот и тоа за 1,9 процент.

Извозот, анализира Мицкоски, бележи опаѓање за повеќе од 10 милиони евра, а истовремено увозот бележи зголемување за повеќе од 40 милиони евра. Апсолутната бројка, продолжува тој, во негативното трговска салдо е поголема од 50 милиони евра.


„Може да се заклучи дека доколку само се соберат негативното трговско салдо и буџетскиот дефицит за февруари 2020 година, доаѓаме до фрапантна бројка од повеќе од 6 милијарди денари или повеќе од 100 милиони евра. Јас немам дилема дека додека јуришале со народни пари да вршат поткуп на гласачи за предвремените парламентарни избори што требаше да се случат на 12 април, првите сериозни знаци за сериозна економска апокалипса која ни претстои како резултат на пандемијата, но и поради кусогледата економска политика на владата на СДСМ, пристигнале веќе во февруари“,
вели Мицкоски.
Лидерот на опозицијата обвинува дека овие предупредувања власта не ги забележала туку продолжува со убедувањата дека Буџетот е ликвиден.
Тој вели неговата партија подала рака, но власта ја одбила. Сега, посочува, многу прашања остануваат неодговорени, но најавува дека едно по едно ќе се разјаснат кога ќе заврши пандемијата.
Во прилог на неговата анализа, Мицкоски потсетува дека Зоран Заев, додека беше премиер, на 26 декември изјавил дека економијата блеска, а со иста реторика понатаму продолжиле и останатите функционери од СДСМ, како Оливер Спасовски, Мила Царовска и Нина Ангеловска.