Во видеото од болницата каде што е хоспитализиран, Спирковски им се заблагодари на екипите на Брзата помош, противпожарната екипа и вработените на Ургентниот центар и раскажа детали за страшната несреќа која им се случила, а во која е повредена и 17-годишна малолетничка која го управувала четирициклот, а која, како што вели тој, е другарка на неговата сестра
Откако Центарот за управување со кризи (ЦУК) пред три дена информира за спасувачката акција на двете лица кои со четирицикл паднале во бездна кај местото „Мала Река“ кон скопското село Горно Количани, на Инстаграм се огласи еден од повредените во несреќата, 29-годишниот инфлуенсер и фитнес инструктор, Стефан Спирковски.
„Митровден е мојот нов роденден. Фала ви на сите што се грижите“,
напиша инфлуенсерот на Инстаграм и објави видео изнесувајќи повеќе детали за несреќата.
Во видеото од болницата каде што е хоспитализиран, Спирковски им се заблагодари на екипите на Брзата помош, противпожарната екипа и вработените на Ургентниот центар и раскажа детали за страшната несреќа која им се случила, а во која е повредена и 17-годишна малолетничка, која како што вели тој, е другарка на неговата сестра.
„Вчера бевме до Брегово Поле со три квадрицикли и на враќање сакаше да вози другарката на сестра ми, а јас бев совозач и излетавме од кривина во провалија, некои 50 метри. Среќа носевме кациги, јас поминав со скршеница на раката и две ребра и мало оштетување на црниот дроб. Страшна беше ситуацијата, среќа имав кацига но удрив на камен, тогаш изгледа ми беше излетана кацигата. Се задржав на две гранки и чекав така четири часа, кога дојде противпожарна и Црвен крст“,
раскажува Спирковски и додава дека поради повредите морал да се оперира.
Според билтенот на Министерството за внатрешни работи, несреќата била пријавена во СВР Скопје пред три дена, на 8 ноември во 16:20 часот.
„На локалниот пат од место викано ‘Мала Река’ кон с.Горно Количани, скопско, четирицикл со скопски регистарски ознаки, управуван од 17-годишна малолетничка од Скопје, излетал од патот и паднал во провалија. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле малолетничката и сопатникот С.С. (29) од Скопје, констатирани во Градската општа болница ‘Св. Наум Охридски’ и Комплексот клиники ‘Мајка Тереза’. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје“,
наведуваат од МВР.